Холивудскиот актер Џон Малкович доби хрватско државјанство

Холивудска ѕвезда Џон Малкович кој е роден во Илиноис, САД а има хрватско потекло вчера официјално доби хрватско државјанство.

Тој вчера се сретна и со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Бански Двор во Загреб.

„Го пречекавме Џон Малковиќ во Бански Двор и, заедно со министерот за туризам и спорт Тончи Главин и директорот на хрватскиот туристички одбор „Хрватска полна со живот“, Кристијан Станичиќ, разменивме мислења за културата, туризмот, спортот и бизнисот. Долгата кариера на Џон и неговиот уметнички успех се голема инспирација за помладите генерации и ни е мило што тој гордо ги негува своите хрватски корени“, напиша Андреј Пленковиќ.

Прабабата и прадедото на Малковиќ од страната на неговиот татко емигрирале од Озаљ во Соединетите Американски Држави. Тој ја посетил оваа балканска земја во неколку наврати, и приватно и како гостин настапувајќи во театарски претстави.

Неодамна во Хрватска премиерно беше прикажан и документарен филм „Роднина со Џон Малкович“, документарец кој го истражува потеклото на актерот и неговите роднини во оваа земја.

Министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ изјави дека на кратка, но важна церемонија, му ја врачиле одлуката за хрватско државјанство на Џон Малкович.

„Светски познатиот актер, кој ја обележа кинематографијата со бројни улоги, прифати нова улога и стана хрватски државјанин. Честитки и добредојде“, напиша тој.