„Роднина со Џон Малкович“ – документарец за потрагата на хрватски режисер по сродство со холивудската ѕвезда

Долгометражниот документарен филм „Biti u rodu s Johnom Malkovichem“ од режисерот Лука Мавретиќ ќе ја има својата хрватска премиера на овогодинешниот ЗагребДокс, најважниот регионален фестивал за документарен филм.

Филмот го следи режисерот кој, откако самиот ќе стане татко, одлучува да го реши својот однос со својот татко. Водени од семеен мит за можно сродство со холивудската легенда, тие заедно се впуштаат во потрага по долго закопани вистини. Придружени од необична галерија ликови – од стар земјоделец и двојник на Џон Малкович до свештеник и водител на подкаст – таткото и синот патуваат низ села, градови и земји, постојано прашувајќи се: дали би било полесно сè да се скрие под тепих?

„Вклучувањето во личен проект како овој, носи и креативни и лични ризици. Истовремено се радував на филмски интензивните моменти, но и се плашев од нив. Најлошото нешто што можете да го направите во филм за поправка на семејните односи е да ги оштетите, и тоа да го направите пред камери. Авторот во мене сакаше да навлезе што е можно подлабоко во важните и непријатни ситуации, а како учесник во филмот, сакав да се ослободам од нив што е можно побрзо.“ – вели режисерот.

По успешната светска премиера на Филмскиот фестивал во Краков, каде што филмот за прв пат беше претставен пред меѓународна публика, домашната публика конечно ќе има можност да ја види оваа лична, хумористична и емотивна приказна за семејството, идентитетот и наследството.