Поп-пејачките Тамара Тодевска и Тијана Дапчевиќ по години најави сега конечно снимија заедничка песна.
„Го снимивме! И на македонски и на српски. Не смеам ништо да откривам, како што не смеам да откријам дека снимивме дует. Многу убава песна којашто ја напиша Коста Петров, а препев на српски направи Леонтина Вукомановиќ.“ – вели Тијана во интервју за Култура24.
Сестринскот дует е дел од новиот албум на Тамара со наслов „Кукла жива“, кој треба да излезе месецов. Дуетот премиера изведба во живо ќе има на големиот солистички концерт на Тамара закажан за 3 октомври во СЦ „Борис Трајковски“.
„Јас не знам како ќе ја отпееме таа песна на концерт. Јас кога ја читав се распаднав. Не е тешко, но е сестринска приказна. Едната која отишла во туѓина, а оваа другата која останала без неа. Ние секогаш заедно ја пееме „Кога те нема“ од Маријана и Росана. Ама оваа наша песна е многу емотивна. Секогаш кога ќе почне рефренот имам кнедла во грлото. Еве дури и сега, а тек на сцената.“ – додава Тијана.
Тијана во интервјуто за Култура24 за првпат искрено објасни и зошто не е приврзаник на солистички концерти. Во разговорот се осврнавме и на феноменот Јаков Јозиновиќ, на серијата „Преспав“, како и на музиката на нејзиниот син Вук. За сето ова и уште многу повеќе – прочитајте во нашето обемно интервју со Тијана.