Тијана Дапчевиќ: „Само низ хумор некои работи можат да се раскажат безболно“

По впечатливата изведба на „Менопауза“ на отворањето на 27. издание на Интернационалниот фестивалот на монодрама, Тијана Дапчевиќ во ексклузивно и опширно интервју за Култура24.мк отвори теми што долго ја интригираат јавноста. Таа за првпат откри дека конечно е снимен долгоочекуваниот дует со Тамара Тодевска, а искрено објасни и зошто не е приврзаник на солистички концерти. Во разговорот се осврнавме и на феноменот Јаков Јозиновиќ, на серијата „Преспав“, како и на музиката на нејзиниот син Вук. За сето ова и уште многу повеќе – прочитајте во нашето обемно интервју со Тијана.

Настапивте на отворањето на Фестивалот на монодрама во Битола пред полна сала. А со публиката се дружевте и потоа. Како се чувствувате и дали се одморивте?

Тијана Дапчевиќ: „Ова е работата што ја сакам. Значи јас не одам на работа, јас одам да се журкам и да си поминам убаво. Убаво „пливам“ еве веќе 30 години, а уморна сум затоа што имав турнеја низ Германија, а потоа и низ БиХ и Србија. Но Германија беше баш интензивна. Настапував секој викенд, а беа дванаесет градови во еден месец. Па сега Македонија. Син ми се шегува и ми вели: „Мама, кога ќе дојдеш малку кај нас?“. Се разбира не мисли сериозно, но таков еден коментар знае да те тресне како шлаканица. Работата е во тоа што тоа се циклуси. Во нашата работа имаш моменти кога немаш по два-три месеци ништо. Така што, сега е моментот да се работи и заработи. Колку и да сум уморна, она што мене синоќа ми се случи овде во Битола, како ме пречекаа и прегрнаа битолчани, и колку ми беше убаво на сцената и после тоа на коктелот – нема ништо поубаво од тоа кога со твојата уметност тие луѓе коишто дошле да ја испратат твојата уметност си одат среќни. Нема ништо поубаво на светот. Ниедна награда ниеден подарок не можат да ми го надоместат. Пепи Мирчевски синоќа доаѓа и ми вели: „Ти не си нормална“. Има нешто поубаво? Има ли поубава награда?“

Тијана Дапчевиќ со доајенот на Битолски театар Петар Мирчевски

За битолската публика се вели дека е исклучително пребирлива. Задоволна ли си како публиката ја прими твојата монодрама?

Тијана Дапчевиќ: „Сопругот синоќа ме праша каква беше публиката. Откако знам за себе и откако знам за сцената тука е Битола. Едни од моите први сценски чекори беа овде во Битола, како водителка на „Интерфест“ во 1996 година, а потоа не знам и колку пати имам пеено, свирено со оркестарот на Факултетот за музичка уметност, соло како челист, пеено мал милион пати. Јас и вчера, таква трема имав пред битолската публика, бидејќи битолската публика знае, умее, градска е и не можеш да ја зезнеш. Одма те провалуваат. Не можеш да ги излажеш.“

Колку е тешко да се балансира помеѓу хумор и сериозна тема без да се банализира и омаловажува темата која е веќе табу ?

Тијана Дапчевиќ: „Во моментот кога го прочитав текстот што го напиша Данило Вукотиќ, мојот космички брат кој е два дена помал од мене, сфатив колку ние имаме комуникација со медиуми, колку консумираме вести и сме бомбардирани со лоши вести од сите страни. Востановив дека најдобро е сѐ што презентираш, дали е тоа музика, претстава или текст, да биде социјално ангажирано. Разбрав дека кога на луѓето нешто им се презентира низ смеа и хумор, а е сериозна тема за којашто се шепоти го прифаќаат побрзо. Кај нас не смее да се раскаже дека имаш некој хормонски проблем во таа фаза, која е потполно нормална за секоја жена во тие години. Кај некој се јавува подоцна, кај некој порано, кај некој потешко, а кај некој полесно. А некои по 15 години се во таа фаза. Во 21 век имаш суплементи и различни елементи да ти го олеснат тоа. Сфатив дека само низ интелигентен хумор, со каков е напишан овој текст може да се допре до некој што дотогаш мислел дека е табу тема, а пак да не се банализира темата со оној евтин хумор. Затоа што само низ хумор и смеа некои работат можат да се раскажат, а да биде безболно.“

Битолската публика на „Менопауза“

Дали имаше момент кога се запраша дали е „премногу“ искрено за публика и дали мислиш дека ваков проект би бил потешко прифатен ако доаѓа од некој друг профил на уметник? 

Тијана Дапчевиќ: „Не можам да кажам дека не сум глумица. Имам искуство од 2013 година откога играв во театар „Звездара“ и театар „Буха“ во Белград. Актерот е создаден да лаже. Таква е таа уметност. И покрај тоа што сме толку искрени на сцена, и покрај тоа што даваме 105% од нас, немав проблем кога го прочитав текстот. Само што инсистирав, тоа да биде жена во менопауза. Јас не сум стендап комичар, јас сум уметник кој е изведувач на делата. Постојано ме претставуваат како стендап комичар, а јас не сум. Стендап комичарите сами го пишуваат текстот, а ова е монодрама работена по напишан текст, само во стендап форма. Јас цело време играм со публиката. Во ниеден момент немав проблем колку тоа ќе биде искрено. Ама едно 60% од жените кои доаѓаат, а се во менопауза ми велат: „Како си раскажала сѐ што мене ми се случува? Толку си оригинална. Толку ти верувам, толку си верна“. А јас не сум раскажала ништо, јас ја играм Марина не ја играм Тијана. Ама сум научила од мајка ми. Таа кога беше во менопауза тоа беше театар „212“. Така што не ми беше тешко и веднаш на старт велам: „Ја сум Марина Станковиќ и јас за за жал не сум нормална“. Затоа што жените, кога тие хормони ќе полудат „навистина се ненормални“. “

Сава центар и одржувањето концерти таму е во тренд. Зошто Тијана ретко прави солистички концерти од тој тип и зошто генерално во Македонија исклучително ретко настапуваш?

Тијана Дапчевиќ: „Не сакам да одам на места каде што не ме викаат, не сакам да се наметнувам. Концерти во Сава центар не правам. Јас го сакам Сава центар и сакам да отидам на концерт во Сава центар, но повеќе го сакам МТС центар кој е некако помал, а Сава центар е огромен. Да не зборувам за Белградската арена. Концерти се прват за престиж, за да се зборува дека си направил концерти, а ти си во дебел, сериозен минус. Но битно си направил концерт во Сава центар. Јас да се туркам и инсистирам нема. Знам дека имам фанови кои едвај чекаат да дојдат на концерт и сето тоа стои. Но, во една дигитална ера, кога ме гледаш секој ден на стори, рилс и сега уште концерт со кој одам во минус, тоа не. Убаво е што конечно им се „испраа“ ушите на младите генерации. Конкретно зборувам за Јаков Јозиновиќ. Дете кое е се појави од никаде, како ангел се спушти од небото и почна да пее како славеј. А притоа пее туѓи песни, како што и ние почнавме, но тогаш немаше Инстаграм и ТикТок, Туку си се молел на Господ Бог да се случи нешто за да снимиш песна. Јаков едноставно стана популарен со ТикТок, од таму го знаеме и таму се презентираше себе си. Детето е искрено, детето е многу талентирано и сладок е како шеќер, а пее како ангел. Како да не одиш на концерт и да не ги слушаш неговите концерти? Да даде бог, уште дваесет Сава центри да наполни.“

Тијана Дапчевиќ во улогата на Марина Станковиќ во „Менопауза“

Некои твои колешки не го делат истото мислење и немаа толку пофални зборови за Јаков. Зошто е тоа така?

Тијана Дапчевиќ: „Не можеме да кажеме дека се мои колешки, тоа се само јавни личности. Таа не може да ми биде колешка никогаш. Тоа се несреќни луѓе, многу несреќни луѓе кои така зборуваат. И истата таа која тоа го кажала исто почнала со кавери, по кафеани на Ибарска магистрала. А ова дете ја има таа можност бидејќи е роден во 21 век кога ги има овие платформи и може лесно да се презентира. Јас кога отидов на концерт сфатив дека сето тоа се само деца, на кои им се перат мозоците од разни Џали, Буби. Фала му на Бога што го прати. Циклусот е затворен. Нема повеќе треп фаза. И на изумирање е фала богу. Тој тоа толку добро го „цепа“, секоја чест и на тие што го водат, и него и на мајка му што го родила. Јас многу би сакала повеќе такви деца да има со квалитетни музики.“

Имам впечаток дека во Македонија, сѐ уште држиме некој стандард на тоа што се слуша и пее. Каков е Вашиот впечаток?

Тијана Дапчевиќ: „Кога ќе пуштам од новите македонски музики кога ќе ми дојдат по дома, ми велат: „Добро бре вие македонците отсекогаш сте имале слух за квалитетна музика.“ И така е, затоа што никогаш не сме давале да ни „присмрди“ нешто неквалитетно, туку убави музики секогаш поминувале, за разлика од онаму каде што живеам јас. Секоја чест на Војаж, и тој е слатко дето и тоа е факт. Но едноставно не е за моите уши.“

Тамара закажа голем солистички концерт и најави нов албум. Дали тој сестрински дует конечно ќе се случи?

Тијана Дапчевиќ: „Го снимивме! И на македонски и на српски. Не смеам ништо да откривам, како што не смеам да откријам дека снимивме дует. Многу убава песна којашто ја напиша Коста Петров, а препев на српски направи Леонтина Вукомановиќ. Јас не знам како ќе ја отпееме таа песна на концерт. Јас кога ја читав се распаднав. Не е тешко, но е сестринска приказна. Едната која отишла во туѓина, а оваа другата која останала без неа. Ние секогаш заедно ја пееме „Кога те нема“ од Маријана и Росана. Ама оваа наша песна е многу емотивна. Секогаш кога ќе почне рефренот имам кнедла во грлото. Еве дури и сега, а тек на сцената.“

Твоите последнови синглови се „Шта се ради на естради“ и баладата „Најскупља“ двете сосема различни. Баладите ти поминуваат исклучително добро кај публиката.

Тијана Дапчевиќ: „Потполно различни. Кога ќе се свртиш наназад до 2001 година кога излезе мојот прв албум, па сѐ до мојот последен албум во 2011 година, сите мои албуми се еклектични, нема како кај некои пејачи кога ќе пуштиш албум сите песни да се движат во ист правец, како една песна да слушаш. Кај мене те држи буден цело време, една балада, една брза, една средна. Така што јас цело време сум сакала да експериментирам со разни некои жанрови. Конкретно „Шта се ради на естради“ сосема случајно дојде до мене. Покрај тоа што ништо не е случајно. И премиерата се случи во ужасен момент кога на Цетиње се случи шесткратно убиство и никој не ја запримети песната. Неколку месеци потоа ја издадов „Најскупља“, песна којашто ја имам во фиока веќе 16 години, но конечно го виде светлото на денот после толку години, во прекрасна оркестрација на еден мој драг колега од Сараево, Адис Сирбубало, којшто години наназад работи со Дино Мерлин на аранжманите и свири на концерти. И таа песна помина слабо. Ќе се вратам пак на оние животни циклуси. Јас од мојата петта година до мојата дваесет и петта интензивно свирев виолончело и бев најнаградуван челист во регионот на поранешна Југославија. И на секој натпревар ме праќаа. Потоа почнав да пеам, од мојата дваесет и петта до педесеттата, песни, албуми, турнеи, спотови, 25 години хаос. Е сега, театарот ме работи. Тоа се циклуси и не можеш да одиш против нив. Музиката секогаш ќе биде моја прва љубов, но во последно време повеќе сакам само да ја слушам. Тоа не значи дека утре-задутре нема да излезам со некоја нова песна и албум, или па можеби да одам и во пензија. Ништо не можеш да планираш. Само му се заблагодарувам на Господ што сум благословена да го работам она што го сакам, и што ја имав таа можност тие таленти да ги позајмам. Тоа не е мое, сум го позајмила. И на тоа се заблагодарувам секое утро и секоја вечер.“

„Најскупља“ на Тијана Дапчевиќ

Неодамна откри дека го позајми Коста Петров од Тамара за три нови песни на српски јазик. Што да очекуваме?

Тијана Дапчевиќ: „Да, треба да ги снимам. Настрана од дуетот, Коста направи три песни за мене, со композиторот Александар Дејаниќ, кој ја направи „Ресет“. Не планирам ништо. Тоа што ќе се случи денес, не постои утре. Сега е моментот, сега живееме.“

Вук веќе две години се занимава со продукција, електронска музика, фонк, што е сосема поразлично од она што ти и Тамара го работите. Колку ти ја разбираш таа музика и има ли тука музика во класична смисла?

Тијана Дапчевиќ: „Вук сѐ уште се бара. Таа музика сега ја издава за две издавачки куќи, едната од Велика Британија, а другата од Белгија. И тоа е некоја врста на електроника која се нарекува фонк. Тоа го слушаат децата сега. И кога ќе одиш на ТикТок, кое видео и да ти излезе, пола од нив се со музика на син ми. Исто како што нашите не го разбираа Продиџи кога се појави. Не им годеше на ушите. Јас сум човек којшто сака многу музика и слуша многу музика, и тоа секаква. Од таа електроника мислам не постои некоја група, диџеј или трака за која јас не знам. PMG колектив беше на времето техно движење од Скопје, под диригентската палка на Мирко Попов, кој почина пред две години. Тој заедно со Синиша Ефтимов и Дарко Јорданов се основачи. Од тој момент, во 1994-1995 што се однесува до електронска музика, сѐ сум чула и ми годи. А некои музики ни десет секунди не можам да ги слушам. Вук се шегува и ми вели: „Мама ти си замрзната под камен.“. А кога ќе му пуштам нешто од моето време ми вели „Па ова е добро!“. Тој сега открива музика од моето време како што е Продиџи. Јас бев на првиот концерт во Скопје во 1995 година. Еве сега пак доаѓаат и со задоволство ќе одам. Така што нема многу голем јаз. Тој често ќе направи некоја нова трака и ќе ме викне да чујам. Му годи кога мама ќе му каже дали е нешто лошо. А мама му кажува: „Ова не ти чини, ова промени го“. “

Тијана Дапчевиќ со синот Вук

Дали денешната естрада бара од уметникот да биде повеќе лик отколку музичар?

Тијана Дапчевиќ: „Да! Моментално во шоу бизнисот сѐ е направено повеќе да се гледа отколку да се слуша. Мора да имаш Инстаграм, и куп следбеници, мора да имаш содржина и да бидеш инфлуенсер. Не се слуша повеќе музиката, затоа и таква музика поминува.“

Серијата „Преспав“ доживеа седум сезони. Иако во приказната горе-долу може да се препознае целиот регион, серијата не успеа да се пробие во соседството. Дали само јазикот е бариера или и шегите и темите во нашите серии и филмови се интерни?

Тијана Дапчевиќ: „За жал повеќе не се снима. Не се шегите интерни, јазикот е бариера бидејќи Србите не го познаваат толку македонскиот јазик. А ние од петто до осмо учевме српско-хрватски во Југославија. Само тоа е бариера, а шегите и темите кои се случуваат во секоја епизода се дефинитивно олицетворение на нашата земја. Исто е и во Србија, Босна и Херцеговина, и насекаде во регионот. Освен кај Словенците и Хрватите кои отсекогаш биле различни.“

Тијана Дапчевиќ во улогата на Германката Ула, во серијата „Преспав“

Што би одбила денес, а можеби би прифатила на почетокот од кариерата?

Тијана Дапчевиќ: „Јас одбив да се сликам за Плејбој а многу пари ми даваа, баснословни суми, иако не требаше да бидат експлицитни фотографии. Во Србија многу мои колешки се сликаа. Тогаш одбив, сега не би одбила. Сега имам педесет години и кога ќе се видам си велам: „Леле каква мачка сум“. “

Уметник од регионот кој го следиш со интерес?

Тијана Дапчевиќ: „Леле ќе бидам одвратна и пак ќе кажам. Тоа е Тамара Тодевска. Ама ако треба да издвојам некој, во однос каква музика создава, Владо Георгиев го следам и ми се допаѓа како работи. Од Македонија многу го сакам „Син на мајка“ да го видам од време на време. Тоа е синот на Тони Михајловски, кој е многу добар глумец и добар дигиталец. Потоа, Виктор Ксави, тој не е актер, сестра му Маша Дакиќ е актерка. Тој не е актер, но е роден актер. Ме смее 24/7 и со него сакам да се смеам. Од актерките, Сандра Силаѓев, нејзината содржина ми се допаѓа а со неа сме и пријателки. Од младиве актерки, многу ја сакам и како актерка и како човек, Дарија Ризова од МНТ. Ја знам од малечка и гледам во каква жена и глумица израсна. Ја знам и мајка ѝ , ги знам сите. И Џамбазов го следам редовно. Секогаш му велам да ја поздрави „Мони“(Моника Белучи). Таа ми е снашка. Таа е единствената жена од крв и месо. Да ги видиш нашите преписки ќе се смееш. Често му коментирам на социјалните мрежи за неа.“

Интервјуто го реализираше Леонид Ташовски, на ден 24.4.2026 година.

Фотограф: Диоген Хаџи-Коста Милевски