Музичката сцена во регионот повторно е воодушевена од големиот успех на младиот изведувач Јаков Јозиновиќ, кој го продолжи својот импресивен настап во белградски Сава центар. Откако распродаде девет последователни концерти, Јозиновиќ закажа десетти настап – кој се распродаде во рекордно време, за помалку од 10 минути.
Според достапните информации, интересот на публиката бил огромен, а неговата низа распродадени концерти веќе се споредува со најголемите имиња на регионалната сцена, а се шпекулира дека ќе отвори уште еден датум.
Досега, еден од најпознатите рекорди во Сава Центар го држеше Здравко Чолиќ, кој распродаде девет последователни концерти во 1998 година. Токму овој резултат Јозиновиќ сега го достигна и надмина, бидејќи додаде десетти настап по ред, продолжувајќи ја својата серија распродадени ноќи во белградската сала.
Со ова, младиот изведувач влезе во друштвото на најголемите имиња во регионалната музика, барем кога станува збор за концертни рекорди во една од најпознатите сали на Балканот.
Иако се зборува за нови рекорди, еден останува недопирлив. Лепа Брена и „Слатки грех“ се уште се апсолутни рекордери во Сава Центар со дури 17 последователни распродадени концерти од 1980-тите, резултат што никој досега не успеал да го достигне.
Да ве потсетиме дека на 10 концерти во Сава Центар, Јаков ќе настапи пред речиси 40.000 луѓе.