Две награди за „Диџеј Ахмет“ на Санденс

„Диџеј Ахмет“, дебитантски филм на режисерот Георги М. Унковски, го круниса своето учество на фестивалот Санденс со две награди. Филмот ја доби наградата од публиката во програмата Светски филм и Специјалната награда на жирито за креативна визија.

Сместен во оддалеченото јуручко село Коџалија, Македонија, „Диџеј Ахмет“ ја раскажува приказната за 15-годишниот Ахмет, кој открива прибежиште во електронската музика како излез од неговата традиционална средина. Филмот е драма со примеси на комедија, приказна за љубовта, пријателството и самооткривањето на еден тинејџер, поставена на динамична заднина во која се судираат традиционалните вредности и модерното време. Снимањето на филмот траеше 36 дена и се одвиваше на крајот на 2023 година, во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш, а дел од снимањето беше и во Скопје. Филмот е на турски и на македонски јазик.