„Диџеј Ахмет“, дебитантскиот долгометражен филм на сценаристот и режисер Георги М. Унковски, својата светска премиера ќе ја има на престижниот филмски фестивал Санденс 2025, како дел од натпреварувачката категорија на интернационалната филмска програма.
Сместен во оддалеченото јуручко село Коџалија, Македонија, „Диџеј Ахмет“ ја раскажува приказната за 15-годишниот Ахмет, кој открива прибежиште во електронската музика како излез од неговата традиционална средина. Филмот е драма со примеси на комедија, приказна за љубовта, пријателството и самооткривањето на еден тинејџер, поставена на динамична заднина во која се судираат традиционалните вредности и модерното време. Снимањето на филмот траеше 36 дена и се одвиваше на крајот на 2023 година, во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш, а дел од снимањето беше и во Скопје. Филмот е на турски и на македонски јазик.
Директор на фотографија е Наум Доксевски, сценографи се Дејан Ѓошевски и Александра Чевреска, костимограф Роза Трајчевска, шминка и маска Душица Вуксановиќ Дуда, снимател на тон Павел Јан. Монтажата ја изработи Михал Раих, композитори се браќата Синкауз од Хрватска, а дизајнери на звук се Миросла Червена Чалупка и Лудвиг Бохадло.
Главните улоги во филмот ги играат Ариф Јакуп, Дора Акан Златанова, Агуш Агушев, кои првпат се појавуваат на филмското платно, и Аксел Мехмет. Во другите улоги се: Селпин Керим, Атила Клинче, Елхаме Билал, Адем Карага, Хакан Даци, Метин Ибрахим, Јеткин Сезаир и други. Кастинг-директор е Киријана А. Николоска.
Продуценти на филмот се Иван Унковски и Ивана Шекуткоска, линиски продуцент Виктор Павловски.
„Диџеј Ахмет“ е копродукција помеѓу Синема Футура и Сектор филм од Македонија, Алтер Вижн и Аналог Вижн од Чешка, Бекрум продукција и Баш челик од Србија, 365 Филмс од Хрватска. Филмот е поддржан од Агенција за филм на Р.С. Македонија, Чешки филмски центар, Филмски центар Србија, Хрватскиот аудио-визуелен центар, СЕЕ Синема Нетворк како и од европскиот филмски фонд Еуримаж.
– Премиерата на Санденс е неверојатна чест. „Диџеј Ахмет“ е длабоко лична приказна за пронаоѓање на сопствениот глас во свет кој често го замолчува. Преку патувањето на Ахмет, се надевам дека ќе ја истакнам универзалната борба меѓу традицијата и самоизразувањето. Санденс е совршена платформа за да се сподели оваа приказна со светската публика – вели режисерот Георги М. Унковски.
Филмскиот фестивал Санденс е еден од најпрестижните светски фестивали за независно кино. Познат по откривање храбри нови гласови во филмската уметност, изданието за 2025 година ќе се одржи од 23 јануари до 2 февруари во Парк Сити, Јута. Од многу голем број аплицирани филмови од светот, примени се околу 80. „Диџеј Ахмет“ на Унковски е меѓу десетте филма што ќе се натпреваруваат во меѓународната програма.