5. Фестивал на грчки филм од 25–27 ноември во Скопје

Јубилејното петто издание на Фестивалот на грчки филм ќе се одржи од 25 до 27 ноември 2026 година во Кинотеката на Република Северна Македонија. Под мотото „Женски поглед: Филм по нејзина мерка“, овогодишната програма им оддава почит на жените режисерки, претставувајќи три долгометражни и два краткометражни филма од грчки авторки од различни временски епохи.

Посветен исклучиво на филмови режирани од жени, фестивалот има за цел да го прикаже богатството на искуства, уметнички јазици и сензибилитети што тие ги внесуваат во филмската уметност, создавајќи простор за различни перспективи кои ги предизвикуваат конвенционалните наративи.

Н.Е. Јанис Малукос, амбасадор на Грција во Северна Македонија рече дека Фестивалот на грчки филм има за цел да придонесе кон културниот дијалог и пријателството меѓу Грција и Северна Македонија, зајакнувајќи ги врските меѓу нашите народи преку креативноста и уметничката размена. 

-Фестивалот на грчки филм не е само можност за промоција на грчката кинематографија, туку и за меѓусебно зближување на луѓето.Културата има уникатна способност да ги надминува границите, да премостува разлики и да создава заедничка основа. Преку кинематографијата откриваме приказни кои можеби потекнуваат од различни општества, но зборуваат за чувства, предизвици и стремежи што сите ги споделуваме. Добриот филм може да ни овозможи да го видиме светот низ очите на некој друг. Може да ги преиспита нашите сфаќања, да нè инспирира и да нè потсети на она што нè поврзува. Токму тоа сакаме да го постигнеме преку нашите културни активности овде, во Северна Македонија, подвлече Малукос.

За Небојша Јовановиќ, уметнички директор на Фестивалот, филмот како уметност ги обединува речиси сите уметности и има најголема моќ да ја пренесе пораката, но доколку преку неа не проговори суптилниот, длабоко чувствен и креативен женски авторски глас, таа не е комплетна. 

-Бескрајно се радувам што стигнавме до едно заокружување, односно мал јубилеј, 5 години од основањето на фестивалот. Со Фестивалот на грчки филм создадовме традиција во градењето на доверба помеѓу двете земји и општества, во продлабочување на културниот дијалог помеѓу двата народи, растопивме многу предрасуди кои беа длабоко вкоренети во нашата свест, во времиња кои не беа лесни. Со овој фестивал, не само што ги промовираме вредностите на грчката култура, туку ја подигнавме културната дипломатија на највисоко ниво, со што придонесуваме во понатамошен развој на дипломатските односи помеѓу двете земји. Добро е познато дека професиите филмски режисер и директор на фотографија се едни од професиите со најголеми предизвици во филмската индустрија, а и воопшто. Исто така забележливо е дека во светот на филмот се повеќе филмски приказни се раскажани преку женскиот сензибилитет и поглед. Но, не беше така отсекогаш. 

Перцепцијата на оваа професија во минатото беше поинаква, таа доминантно припаѓала на мажите. Но, сведочиме најмалку на промена на перцепцијата за овие професии, што е значаен напредок. Фестивалот на грчки филм Скопје 2026, со концептот за новото издание, посветувајќи го целиот фестивал на храбрите филмски авторки од Грција, сметам дека ќе биде даде значаен придонес кон промените кои се случуваат во филмската индустрија. , рече Јовановиќ.

За програмата и концептот на Фестивалот, говореше Кристина Фиоренци, која ги претстави филмовите кои публиката ќе има можност да ги погледне во текот на фестивалот, како и авторките на овие филмски остварувања. 

Програма на проекции (Кинотека на Република Северна Македонија)

Среда, 25 ноември 2026

18:30 часот — Свечено отворање на фестивалот

19:00 часот — „Длабочината на Океанот“ (Titanic Ocean) | режија: Константина Коѕамани (Грција, Германија, Романија, Франција, Шпанија, Јапонија / 2026 / 130 мин.) – филм од програмата „Извесен поглед“ на 79. Кански филмски фестивал 

По проекцијата: Разговор со режисерката Константина Коѕамани

Четврток, 26 ноември 2026

20:00 часот — „Летно место“ (A Summer Place) | режија: Александра Матеу (краток игран филм / 2021 / 21 мин.)

Потоа — „Ева“ (Eva) | режија: Марија Плита (Грција / 1953 / мелодрама / 82 мин.) – дело на првата жена режисер во грчката кинематографија

По проекциите: Разговор со проф. д-р Бети Какламаниду (Универзитет „Аристотел“, Тесалоники. 

Петок, 27 ноември 2026

20:00 часот — „Ништо посвето од делфин“ (Nothing Holier Than a Dolphin) | режија: Изабела Маргара (краток игран филм / 2022 / 17 мин.)

Потоа —„Тато зошто си замина?“ (Hard Goodbyes: My Father) | режија: Пени Панајотопулу (Грција, Германија, Еуримаж / 2002 / драма / 113 мин.)

Режисерката Константина Коѕамани имаше свое видео обраќање во кое изрази благодарност што заедно со публиката во Скопје ќе може да го погледнат нејзиниот филм на свеченото отворање на фестивалот на 25 ноември во Кинотеката на Северна Македонија и со тоа го најави своето присуство и учество на панел- дискусијата.

Во рамките на фестивалот, в четврток, на 26 ноември 2026 година со почеток во 11 часот, на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје ќе се одржи панел-дискусија на тема „Жените, Балканот и филмската уметност“.

На дискусијата ќе учествуваат истакнати филмски авторки и теоретичарки од Грција и Северна Македонија: проф. д-р Бети Какламаниду, Константина Коѕамани, Марија Апчевска, Косара Митиќ и Ана Опачиќ. Тие ќе го истражуваат односот помеѓу родот, идентитетот и филмскиот израз, поврзувајќи го наследството на жените пионерки во режијата со современото балканско творештво.

Проф. д-р. Бети Катламантиду, исто така имаше свое видео обраќање во кое рече дека е многу возбудена што ќе виде дел од јубилејното 5. издание на Фестивалот на грчки филм во Скопје. Катламантиду најави дека ќе разговараат за филмот „Ева“ на режисерката Марија Плита кој е претставник на европскиот модернизам.

Марија Плита (Тесалоники, 1915 – Атина, 2006) е првата грчка филмска режисерка, работела неуморно во текот на 20 години, режирајќи 17 филмови во периодот од 1950 до 1970 година. Како писателка на романи и драмски текстови, Плита ги направила своите први чекори во филмската продукција кон крајот на 1940-тите, а своето режисерско деби го остварила во 1950 година. Иако е главно отсутна од грчката историографија, Плита спаѓа меѓу филмските автори кои помогнале да се обликува националната кинематографија на земјата. Нејзиниот четврти филм, „Ева“ (1953), не само што ги доведува во прашање родовите претстави, туку и го најавува европскиот модернизам. Во мај 2026 година, „Ева“ стана првиот грчки филм, подложен на реставрација, кој беше прикажан во рамките на програмата „Cannes Classics“ (официјална селекција). Филмот е реставриран во 4K резолуција во 2026 година од страна на „World Cinema Project“ (проектот за светска кинематографија) при „The Film Foundation“ и „Cineteca di Bologna“ во лабораторијата „L’Immagine Ritrovata“, во соработка со „Alatas Films“ и Бети Какламаниду, како и во соработка со Грчката кинотека („Tainiothiki tis Ellados“).