Во Битола промовирана монографија за Ранко Струмениковски

На 17 ноември 2026 година, на 90-годишнината од раѓањето на битолскиот графичар и ликовен уметник Ранко Струмениковски, во издание на Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, излезе монографијата Вљубеник во светлината / In Love with Light. Книгата, во тираж од 100 примероци, е дело на авторот д-р Драган Ристевски, со уредник д-р Тања Струмениковска-Ристевска. Уредувачкиот одбор го сочинуваат: д-р Драган Ристевски, Владо Ѓорески, д-р Тања Струмениковска-Ристевска, м-р Ник Аникис Ристевски-Скушек, д-р Теодора-Теа Ристевска-Скушек, д-р Тара Мојсовска и м-р Ристе Мојсовски. Рецензенти се академик Васко Ташковски и Александар-Ацо Филиповски.

Примероци од монографијата добија заслужни национални институции и поединци кои соработуваат со Галеријата. Дигитална верзија на монографијата е достапна на Фејсбук-страницата Ranko Strumenikovski Gallery.

Монографијата го систематизира и претставува богатото творештво на Струмениковски – графики, цртежи, гвашеви и дела од областа на применетата уметност – и го поставува во контекстот на македонската ликовна историја. По завршувањето на средното уметничко училиште во Скопје, тој студирал на Академијата за применети уметности во Белград, во класата на професорот Михаило Петров, како единствен студент од Македонија во својата генерација. По враќањето во Битола, со упорност и професионализам ги поставил темелите на графичкото творештво во град каде што речиси немало услови за тоа. Бил еден од креаторите на Графичката триенала (од 1968, а на првото издание во 1972 бил член на почесниот одбор), со што Битола го добила епитетот „град на графиката“. Работел во печатницата „Киро Дандаро“, бил главен креатор во „Битолатекс“, а подоцна и референт за ликовно и естетско обликување на градот, придонесувајќи за препознатливиот колорит на битолските фасади во топли, кајсиеви тонови. Создал бројни заштитни знаци, логоа и илустрации за институции, фирми и изданија.

Во воведот, авторот Драган Ристевски, зет на уметникот, го опишува Струмениковски како скромен, одмерен и стамен човек кој „повеќе кажувал без зборови“. Го истакнува неговиот придонес, организирањето на 15 изложби во 1996 година по повод 40 години творештво и доделувањето на наградата „4 Ноември“ на градот Битола истата година. Уредничката д-р Тања Струмениковска-Ристевска, единствената ќерка на уметникот, се сеќава на блиската врска со таткото, на неговата педантност, естетика и скромност, како и на неговата изјава дека „уметникот е чекор пред времето“. Внуката д-р Теодора-Теа Ристевска-Скушек раскажува како, заедно со семејството, го претвориле семејниот дом во Галерија, Музеј и Ателје „Ранко Струмениковски“ (отворена 2021) и како подготвиле документарен филм. Зетот Ник Аникис Ристевски-Скушек, словенечки неоренесансен сликар и добитник на специјалната награда „Ранко Струмениковски“ на битолското триенале, ја изразува почитта кон неговото графичко мајсторство.

Особено значајна е активноста на Галеријата, Музејот и Ателјето „Ранко Струмениковски“ во последните пет години. Од отворањето во 2021 година, просторот успешно функционира како жив културен центар кој ја продолжува традицијата на графиката и ликовната уметност во Битола. Во тој период се организирани бројни квалитетни изложби на домашни и странски уметници, меѓу кои академик Васко Ташковски, Александар-Ацо Филиповски, членови на групата ВДИСТ, како и современа полска, македонска и италијанска графика. Прикажани се дела на грчкиот уметник Јанис Проиос, аргентинскиот графичар Леонардо Готиаб (добитник на гран-при на Битолското графичко триенале), украинската уметница Лубов Поворозник и други. Галеријата посветува посебно внимание на младите таленти преку самостојни и групни изложби, како и на меѓународни изложби на детско ликовно творештво. Соработува со Македонското научно друштво – Битола, МАНУ, НУБ „Св. Климент Охридски“, КИЦ „Офицерски дом“, Центар за култура, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, музичкото училиште, средните и основните училишта и детските градинки. На овој начин, во изминатите пет години Галеријата се афирмира како препознатливо место за квалитетна ликовна продукција, со акцент на графиката, и активно го негува наследството на својот патрон.

Книгата содржи поглавја за скопскиот и белградскиот период, критички текстови и репродукции на дела, фотографии од семејната архива, библиографија, преглед на изложби и награди, како и биографија. Таа не е само каталог на творештвото, туку и сведоштво за човекот – „вљубеник во светлината“ и „заробеник на графиката“, како што самиот се нарекувал – кој оставил траен печат врз Битола и македонската графика.

Монографијата е двојазична (македонски и англиски) и претставува значаен прилог кон зачувувањето на наследството на еден од клучните македонски графичари на 20 век. Галеријата што го носи неговото име продолжува да ја негува таа традиција преку изложби и соработка со културни институции.