На 12 ноември, на Нова сцена при Центарот за култура – Битола, ќе биде изведена премиерата на „Зелена граматика (ирационално)“ – експериментален видео театарски проект, чиј авторски концепт и режија ги потпишува Иванка Апостолова Баскар.
Преку спој на видео, театар, визуелна драматургија и актерска игра, ова дело отвора простор за поинакво сценско и уметничко доживување, надвор од вообичаените театарски форми.
Се работи за 50-минутно експериментално видео театарско дело кое ги истражува контрадикциите на современата еколошка свест преку ефектот Рашомон, во кое повеќекратни, спротивставени, но навидум веродостојни перспективи откриваат различни верзии од истата реалност. Структурирана во пет меѓусебно поврзани поглавја, продукцијата развива метафорична граматика на еколошката криза: ЕКО Редоследот на зборовите го испитува загадувањето и профитот; ЕКО Интерпункцијата ја разоткрива експлоатацијата, алчноста и лажното каење; ЕКО Времето и Аспектот се соочуваат со еколошките катастрофи и токсичната самосвест; ЕКО Детерминантите им даваат антропоморфни гласови на нарушените природни елементи на воздухот, земјата, водата, огнот и металот; додека ЕКО Конектори истражуваат сиромаштија, климатска анксиозност, еколошки активизам и колективна беспомошност.
Изведено од еден актер, Здраво Стојмиров, кој отелотворува повеќе човечки, симболични и алегорични ликови, делото комбинира минималистички театарски израз со кинематографски слики, фотографија, звук и дигитална визуелна драматургија. Движејќи се помеѓу иронија, апсурдност, еколошко сведоштво и егзистенцијална рефлексија, „Зелена граматика (ирационално)“ го доведува во прашање јазикот на еколошката одговорност во свет каде што оние што уништуваат, експлоатираат, страдаат и се спротивставуваат, сите ја тврдат својата верзија на вистината.
После премиерната изведба на 12 ноември, следуваат изведби на 13 и 24 ноември а влезниците се во продажба на веб-страницата narodenteatarbitola.com.