26. издание на Скопје Филм Фестивал (СФФ) започнува на 4 ноември и ќе трае до 9 ноември 2026 година. Фестивалот се враќа на филмската сцена по тригодишна пауза со нов тим и обновена визија.
Свечено отворање е на 4 ноември во 19:30 часот во Македонскиот народен театар (МНТ) со филмот „Идиот(и)“ на полските режисери Малгоржата Шумовска и Михал Енглерт. На режисерите ќе им биде доделена и специјалната награда „Златна Скополија“. Наградата им се доделува како почит кон извонредната моќ на креативната соработка. А Скопје филм фестивал со гордост, за првпат ја доделува оваа награда за исклучителен придонес кон светската кинематографија на едно режисерско дуо.
Следниот ден, во рамки на програмата е македонска премиера на македонскиот кандидат за Оскар – филмот „17“ на режисерката Косара Митиќ. Исто така во МНТ.
Членови на фестивалското жири се: продуцентката Лабина Митевска, режисерот Даријан Пејовски, српскиот режисер Павле Вучковиќ, германската фестивалска програмерка Даниела Вебер и британскиот продуцент Стив Абот.
Куратор на фестивалот е Николај Никитин, кое член на новиот интернационален борд во кој членуваат и Мирослав Могоровиќ, Филип Бергсон и Благоја Куновски-Доре.
Фестивалот се затвора со француско-белгискиот филм „Електричен бакнеж“ на 9 ноември во Кино Фросина.
Покрај МНТ, останатиот дел од филмската програма и активностите ќе се одвиваат во Младинскиот културен центар (МКЦ) и во киното „Фросина“, кои ќе служат како фестивалски центар за мастеркласови, прес-конференции и дружења со гостите.