Документарниот филм „Планина“, на авторите Билјана Туторов и Петар Гломазиќ, влезе во потесниот избор за 39-тите Европски филмски награди.
„Планина“ е еден од 15-те филмови што се во конкуренција за номинација во категоријата за најдобар европски документарен филм на овие награди, кои често се нарекуваат „европски Оскари“. Членовите на Европската филмска академија во моментов гласаат за да ги одредат финалните номинирани за едно од најпрестижните признанија во европската кинематографија – Европските филмски награди.
Околу 6.000 членови на Академијата ќе имаат можност да гласаат за номинациите, кои официјално ќе бидат објавени на 14 ноември на Меѓународниот филмски фестивал во Солун. Церемонијата на доделување на Европските филмски награди е закажана за 16 јануари во Атина.
Вклучувањето на „Планина“ во потесниот избор за ова престижно признание претставува продолжение на исклучително успешната меѓународна година за филмот.
Светската премиера се одржа на филмскиот фестивал „Санденс“, каде што филмот ја освои Големата награда на жирито за најдобар меѓународен документарен филм. Потоа следуваа бројни фестивалски признанија, меѓу кои најзначајна е наградата „Срцето на Сараево“ за најдобар долгометражен документарен филм на 32-риот Сараевски филмски фестивал, како и награди на фестивалот „Millennium Docs Against Gravity“ во Полска, фестивалите „Minneapolis–Saint Paul“ и „RiverRun“ во САД, како и на „UnderhillFest“ во Црна Гора.
Сниман во текот на седум години, „Планина“ раскажува интимна приказна за Милева Гари Јовановиќ и нејзината најмлада ќерка, Нада Станишиќ, кои живеат на Сињаевина – еден од најголемите планински пасишта на Балканот. Нивното секојдневие, длабоко вкоренето во природата и традицијата на сточарството, се одвива во контекст на борбата за зачувување на планината и начинот на живот кој е сè повеќе загрозен. Преку односот помеѓу мајката и ќерката, филмот истражува теми како што се семејното наследство, положбата на жената во патријархалното општество и насилството, како и односот помеѓу луѓето, природата и заедницата на која ѝ припаѓаат.