Фестивалот „Киненова“ со мастер класови на драмските факултети во Скопје

Во рамките на програмата на 11. издание на МФФ Киненова, на 15 октомври во просториите на Интернационалниот универзитет Еуропа Прима мастер клас одржаа режисерот Мирослав Терзиќ и продуцентот и актер, Бранислав Трифуновиќ. А на 16 октомври на ФДУ свој мастер клас одржа Емин Алпер годинешниот лауреат на МФФ Киненова.

-Постои само страст. Имав среќа во животот да го пронајдам и да го работам тоа што сакам да го правам и тоа е голема среќа. Не се обидувам ништо да ве научам, само ќе се обидам да ви пренесам некои мои искуства, па доколку вие успеете нешто да „украдете“ од тоа јас ќе бидам презадоволен. Би им порачал да раскажуваат приказни и никогаш и по никоја цена да не се откажуваат од своите идеи. Можеби најточно е да речам дека кога нешто ќе ве зачеша вие ќе се почешате- е токму тоа би им го порачал на студентите. Да знаете кога нешто ве тера, внатре во вас тлее, обидете се тоа да го следите, рече Терзиќ.

Бранислав Трифуновиќ е актер и продуцент, кој во Скопје допатува за премиерата на филмот и одржа мастерклас.

-Овој филм го работевме 10 години почнувајќи од првата идеја, па се до премиерата на фестивалот во Карлови Вари. Сега веќе чувствуваме едно олеснување бидејќи знаеме што сме сработиле и што тоа можеме да го споделиме со публиката. Среќен сум што публиката на Киненова го погледна филмот по Карлови Вари и ќе ви одговорам на сите прашања што ќе ми ги поставите, рече Трифуновиќ пред студентите и посочи дека би го истакнал искуството на актер во продуцентски води. -За да сфатите што значи продукција, би ве поттикнал да направите барем еден краток филм од 3 минути и да се обидете некако да разберете, да немате како мене мислење дека продуцентите се само таму некои луѓе кои земаат пари и не им плаќаат на актерите. Морате да се обидете да го сфатите тоа, рече Трифуновиќ.

Пред студентите на Факултетот за драмски уметности, Алпер говореше за значењето на копродукциите и пичингот на големите фестивали за еден филм и дека и самиот тоа доцна го сфатил бидејќи во минатото сметал дека тоа не му е потребно, но подоцна сфатил дека е корисна секоја сугестија, секоја критика и секој вид на помош кога работите на филм.

Поразговара и за снимањето серии на кои работел во Турција и рече дека никогаш не оди не подготвен на сет. Секогаш се подготвува пред снимањето и токму затоа му било тешко кога го снимал „Зад ридовите“ бидејќи бил ограничен и со буџет и со снимачки денови.

Во продолжение на програмата на МФФ Киненова се одржа и трибина на тема ВИ или автентична филмска креација? на која студентите разговараа за дилемите по ова прашање со Емин Алпер, Гоце Цветановски и Дејан Илиев.