Оскаровецот Расел Кроу ќе одржи концерт во Крагуевац

Една од најголемите светски филмски ѕвезди, Расел Кроу, доаѓа во Крагуевац! Актерот и музичар, добитник на Оскар и фронтмен на бендот „The Gentlemen Barbers“, ќе настапи на 24 јуни 2027 година на главната бина на „Арсенал фест“ (Arsenal Fest) како дел од европската турнеја насловена „Russell Crowe’s Indoor Garden Party“.

Крагуевац е една од станиците на големата европска турнеја што следното лето ќе ги одведе Кроу и неговиот бенд во низа градови низ континентот. Турнејата започнува во Прага, а потврдените дестинации ги вклучуваат Братислава, Темишвар, Букурешт, Истанбул, Анталија, Талин, Каунас и Јурмала. По Крагуевац, предвидени се настапи и во Пула, Будимпешта и Линц. Со тоа, „Арсенал фест“ ќе стане дел од европската концертна мрежа што поврзува големи градови и разновидни локации – од клубови и театри до огромни фестивалски бини.

Името „Indoor Garden Party“ претставува музички концепт што Расел Кроу го започнал уште во 2009 година во еден паб во близина на Лондон, во сопственост на легендарниот британски телевизиски водител Мајкл Паркинсон. Оттогаш, проектот органски се развивал преку различни состави, соработки и настапи; Кроу го опишува како музичко искуство што природно се менува во зависност од просторот и публиката. „The Gentlemen Barbers“ е бендот со кој Кроу интензивно го развива својот репертоар и звукот во живо во текот на изминатите четири години. Музичарите главно се собирале за време на паузите од неговите филмски снимања, поминувајќи недели заедно свирејќи, снимајќи, разговарајќи и обликувајќи го звукот на бендот; по низата успешни настапи во Австралија, тие одлучија да го претстават шоуто пред пошироката јавност и да тргнат на европска турнеја. „Овој бенд има свој став. Има одличен ритам и енергија. Изведуваме многу песни што раскажуваат приказни, но исто така знаеме дека сме тука за да ја разбиеме монотонијата и да ѝ овозможиме на публиката одлична забава“, вели Кроу, опишувајќи го бендот „The Gentlemen Barbers“.

Лорејн О’Рајли, пејачка од Каван, Ирска, зазема посебно место во составот. Таа првпат соработуваше со Кроу на песната „Walk Like Kings“, а подоцна стана негова долгогодишна музичка партнерка. Позната по својот моќен вокал, О’Рајли веќе настапувала со проектот „Indoor Garden Party“ во Лондон, Стокхолм, Лидс и Даблин.

Музичкиот стил на проектот опфаќа R&B, госпел, кантри, мрачни валцери и моќни химни, додека самиот концертен формат се прилагодува на просторот во кој се одржува настапот. Кроу ја издвојува оваа слобода како една од најважните карактеристики на проектот „Indoor Garden Party“.

„Сакам да свирам во пабови. Таму израснав. За мене, тоа е мојата верзија на театар. Иако мојата редовна работа ми одзема многу време, никогаш не престанав да се занимавам со музика“, вели Кроу, истакнувајќи дека неговиот пат кон филмот всушност започнал во бендови – со свирење, турнеи и издавање музика. Пред да стане еден од најнаградуваните актери на својата генерација – со над 40 меѓународни признанија, вклучувајќи Оскар, награди БАФТА, награди на Здружението на филмски актери (SAG) и „Златни глобуси“. Кроу со години свирел, настапувал и снимал музика. Токму затоа „Indoor Garden Party“ не е само спореден проект покрај неговата филмска кариера, туку враќање кон формата на уметничко изразување каде што започнало неговото патување во светот на филмот.

Кога зборува за тоа што може да очекува публиката, Кроу сè сведува на една едноставна идеја:

„Сè се сведува на приказната – без разлика дали станува збор за песни или филмови. Секогаш се работи за приказната.“