Јубилејната 100. изведба на „Кокошка“ ќе има хуманитарен карактер

Хит-комедијата „Кокошка“ на Народниот театар – Битола на 24 октомври ќе ја има својата јубилејна 100. изведба. А Народен театар Битола овојпат сите приходи од влезниците ќе ги донира на СОС Детско село Македонија.

Комедијата на Николај Кољада, во режија на Марјан Георгиевски, ве води низ свет каде што амбициите, љубовта, суетата и желбата за успех се судираат на најнеочекувани и најкомични начини. Претставата со брилијантен хумор, живи дијалози и препознатливи ситуации, ја освојува публиката затоа што сите се пронаоѓаме во неа. Смеата доаѓа природно, искрено и – до солзи.

За сценографијата се погрижи Валентин Светозарев, костимографија Благој Мицевски, драматург е Оливера Павловиќ.

Во претставата играат: Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска, Соња Ошавкова, Александар Димитровски и Николче Пројчевски.

Влезници на билетарницата на НТБ и онлајн на narodenteatarbitola.com.