На 11 октомври 2026 година, во „T Арената“ свој концерт ќе има една од најголемите рок-институции во музичката историја. Deep Purple, британските пионери на хард-рокот и хеви-металот, во рамките на нивната турнеја Mad In Europe 2026 во Скопје го носат свој музички опус што го дефинираше жанрот повеќе од пет децении.
Од своето основање во 1968 година во Хертфорд, Deep Purple – заедно со Led Zeppelin и Black Sabbath – ја сочинуваат „Светата тројка“ на британскиот хард-рок. Нивната дискографија остави неизбришлива трага, особено за време на ерата на поставата „Mark II“, во која членуваа Ијан Гилан (вокал), Роџер Гловер (бас), Ијан Пејс (тапани), Џон Лорд (клавијатури) и Ричи Блекмор (гитара). Албумите како Deep Purple in Rock (1970), Fireball (1971) и култниот Machine Head (1972) поставија стандарди за идните генерации.
Јадрото на нивниот звук отсекогаш било спој на блуз-рок, прогресивен рок и класична музика. Клучни за овој звук беа раскошните, речиси симфониски аранжмани на клавијатурите на Лорд – кои се натпреваруваа со жестоките гитарски рифови на Блекмор – а сето тоа беше цврсто поткрепено од една од најмоќните ритам-секции во рокот: Пејс и Гловер. Денес, бендот го сочинуваат Ијан Гилан, Роџер Гловер, Ијан Пејс, клавијатуристот Дон Еири и гитаристот Сајмон Мекбрајд, кој се покажа како достојна замена.
И покрај децениите зад себе, Deep Purple продолжуваат со својата студиска работа. Нивните понови студиски изданија – како што се Now What?! (2013), inFinite (2017), Whoosh! (2020) и =1 (2024), сите создадени под будното око на култниот продуцент Боб Езрин – ја покажуваат нивната зрелост и постојаната способност за создавање квалитетен хард-рок материјал. Нивниот најнов албум, =1 – најавен со синглови како „Portable Door“ и „Lazy Sod“ – докажува дека бендот останува посветен на истражувањето и на поместувањето на границите на својот класичен звук.
Концертот во Скопје нуди можност не само да се слушнат монументалните химни како „Smoke on the Water“, „Highway Star“, „Hush“ и „Black Night“, туку и да се добие увид во новото поглавје на бендот кој, и покрај текот на времето и промените во составот, одбива да се претвори во изведувач што само репродуцира стари хитови.
Преостанатите влезници се во продажба онлајн на avalonbooking.mk и продажната мрежа на karti.com.mk низ Македонија.