Здружението на граѓани „Фестивал на камерен театар Ристо Шишков“ се огласи со реакција на соопштението на НУЦК Антон Панов – Струмица.
Нивната реакција ја пренесуваме во целост:
Со внимание го прочитавме соопштението на НУЦК „Антон Панов“ – Струмица за одлуката да го бојкотира годинешното издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“.
Жалиме што наместо со својата претстава и уметнички придонес, матичната институција на фестивалот одлучи да реагира со бојкот.
Токму НУЦК „Антон Панов“, како домаќин и институција со историска поврзаност со фестивалот, со години има можност да учествува на „Ристо Шишков“ без селекција. Затоа, јавноста со право може да праша: зошто оваа можност не е искористена токму оваа година?
Секој има право на критика и секоја институција има право да не учествува. Но, кога се изнесуваат сериозни квалификации за „политизирани структури“, „сомнителен пристап“, „опаѓање на уметничките критериуми“ и „нетранспарентност“, тогаш јавноста со право очекува сериозност и одговорност од институцијата која ги упатува.
Пред сè, зад „Ристо Шишков“ стојат врвни актерски имиња, чии уметнички достигнувања се запишани во историјата токму преку највисокото фестивалско признание.
Меѓу досегашните добитници на наградата „Ристо Шишков“ се:
Сенко Велинов, Игор Џамбазов, Диме Илиев, Зора Горгиева, Перихан Ејупи, Јоана Поповска, Владимир Ангеловски, Елена Моше, Петар Темелковски, Митко Апостоловски, Звезда Ангеловска, Соња Михајлова, Васил Зафирчев, Дејан Лилиќ, Ѓорѓи Јолевски, Мето Јовановски, Ирена Ристиќ, Сузан Акбелге, Борис Чоревски, Никола Ристановски, Нико Горшик, Бајруш Мјаку, Анастас Поп Димитров, Зијах Соколовиќ, Тања Бошковиќ, Благој Чоревски, Драшко Зидар, Александра Пешевска, Звезда Ангеловска, Дарја Ризова, Јордан Симонов, Долорес Поповиќ и Билјана Драгичевиќ – Пројковска.
Ова не е само список на имиња.
Ова е историјата на македонската и регионалната актерска уметност, испишана низ сцената на „Ристо Шишков“.
И токму затоа:
„Кога се губи, имаш право да се лутиш!“
Но, за да се лутиш – прво треба да учествуваш.
Тешко е да се разбере одлуката на матичната институција да се откаже од можноста своите актери да ги стави рамо до рамо со најголемите имиња на македонската и регионалната актерска сцена.
Уште потешко е да се прифати дека струмичките актери оваа година остануваат без можност да се борат за признание кое низ годините го носеле имиња од највисок ранг.
Жал ни е што, наместо да се стремат своето име да го запишат покрај овие имиња, струмичките актери дозволија нивната можност да биде жртвувана поради одлука на тесна и исполитизирана група.
Но, можноста останува.
Фестивалот не им ја затвори вратата на струмичките актери. Напротив. Вратата е отворена за уметноста, за талентот и за оние што сакаат со својата работа да се борат за највисокото актерско признание.
И на крајот, едно прашање до матичната институција:
Дали НУЦК „Антон Панов“ со овој бојкот одлучи да ја бојкотира и програмата на своето матично Министерство за култура и туризам и на Општина Струмица, кои се дел од поддршката и партнерството на фестивалот?
И уште едно, можеби поважно:
Дали одлуката за бојкот подразбира и одлука, како добар домаќин, фестивалот да го „награди“ со фактурата што ја доставуваме во прилог?
Јавноста заслужува да знае што точно стои зад ваквите одлуки.
„Ристо Шишков“ не е ничија приватна сопственост. Тој им припаѓа на актерите, на уметниците, на публиката, на Струмица и на македонскиот театар.
НУЦК „Антон Панов“ има право да не учествува. Има право да критикува. Има право да бара промени и транспарентност.
Но, како национална културна институција, има и одговорност кон фестивалот, кон актерите и кон јавноста.
Почитта кон фестивалот не значи дека тој не смее да биде критикуван. Но, историјата и значењето на „Ристо Шишков“ не смеат да бидат жртва на моментни институционални несогласувања.
Фестивалот продолжува.
Со почит кон своето минато, со одговорност кон својата иднина и со отворена врата за секој актер што сака своето име да го запише во неговата историја.