Дејан Лилиќ по осум години се враќа на матичната сцена во Драмски театар

Драмски театар – Скопје е во процес на проби за „Љубовта на Федра“ на Сара Кејн, дел од диптихот „Федра – Антропологија на една желба“ во режија на Дино Мустафиќ.

Една жена. Една забранета љубов. И свет во кој осаменоста се прикрива со рамнодушност, насилство и црн хумор, а искреното чувство станува речиси неподносливо. Во своето бескомпромисно препрочитување на античкиот мит, Сара Кејн ја води Федра до местото каде што желбата повеќе не може да се одвои од болката, опсесијата и самоуништувањето.

Во двете претстави од диптихот Федра ја толкува првенката на Драмски театар – Скопје, Јелена Жугиќ, а во „Федра“ на Жан Расин на матичната сцена по осум години се враќа и првенецот Дејан Лилиќ.

Последната улога на Лилиќ во Драмски е во 2018 година, кога го играше Михаил во „Фестен“ на Зоја Бузалковска. А потоа во периодот на пандемијата (2020-2021) Лилиќ заврши постдипломски студии по интелектуално право на Правниот факултет во Скопје.

Во „Федра – Антропологија на една желба“ настапуваат: Јелена Жугиќ, Дејан Лилиќ, Александар Степанулески, Лазар Христов, Леонардо Лазов, Ивана Павлаковиќ, Нина Елзесер, Златко Митрески, Јована Спасиќ, Трајанка Илиева-Вељиќ, Ања Митиќ, Дениз Абдула, Томислав Давидовски, Марјан Наумов и Гордана Ендровска.

На 19 септември, „Љубовта на Федра“ и „Федра“ на Жан Расин ќе се спојат во една вечер – две радикално различни сценски искуства и една возбудлива театарска целина.

Претставата е наменета за публика над 18 години.