Владанка Крстевски на фестивал на монодрама во Монголија!

Aктерката Владанка Крстевски од Театар Куманово ќе учествува на 10. Меѓународен фестивал на монодрама „The Parade of Winners“, кој ќе се одржи од 17 до 21 септември 2026 година во Улан Батор, Монголија.

На фестивалската сцена, Владанка Крстевски ќе ја одигра монодрамата „Прво лице еднина“, во режија на Драгана Гунин, како дел од меѓународната фестивалска програма во која учествуваат уметници од Монголија, САД, Русија, Северна Македонија, Србија и Германија.

На едно место ќе се сретнат различни театри, култури и сценски јазици, обединети во универзалниот јазик на театарот и монодрамата.

„Прво лице еднина“ — една лична приказна, изговорена на сцена, која својот пат го продолжува до меѓународната публика.

Изминатиов период монодрамата учествуваше и на фестивали во Косово и Црна Гора.