По неколку години привлекување на вниманието на публиката со своите фестивалски настапи и соработки, Ана Петан го издава својот прв студиски албум „Samo ljubav postoji“. Деби-изданието, објавено од Croatia Records, од денес е достапно на сите дигитални платформи и воедно претставува нејзин прв целосен музички пробив пред хрватската публика.
Албумот обединува десет песни кои најдобро го претставуваат музичкото патување на Ана досега. Меѓу нив е и „Ljubav uvijek pobjedi“, песна која ѝ ја донесе наградата за најдобра интерпретација на меѓународниот фестивал „Biser Jadrana“. Албумот вклучува и хрватски верзии на песните „Balada za anđjela“ и „S tobom do zvijezda“, кои претходно беа објавени на македонски јазик, а обете веќе добија свои видеа.
Дуетот „Nebo“, кој Ана го сними со легендарниот Дадо Топиќ, исто така има посебно место. Покрај заедничкиот настап, Топиќ го потпишува и текстот на песната. На албумот како автори учествуваа и Душан Бачиќ, Григор Копров, Роберт Пилепиќ и Стефан Петановски.
Родена во Скопје во 2003 година, Ана Петан се занимава со музика уште од раното детство. Пред да ја започне својата соло кариера, учествувала во бројни студиски проекти, а во 2022 година се претставила на пошироката публика како придружен вокал на македонскиот претставник Андреа на Евровизискиот натпревар во Торино. Истата година ја започнала својата соло кариера, проследена со фестивалски настапи и награди што дополнително ја потврдиле како една од најинтересните млади изведувачи на нејзината генерација.
Албумот ги обединува песните напишани во последните години, но исто така јасно ја покажува насоката во која Ана сака да ја гради својата кариера.