Постојат творештва што се мерат со бројот на дела, а постојат и такви што се мерат со вечноста и бесмртноста кои ги носат во себе, со трагата што ја оставаат.
Со особена чест Ве покануваме на изложбата „Жив ѕид“, изложба на фрески и икони, поставка чиј наслов кажува сѐ. „Жив ѕид“ е печат и круна на 25-годишното заедничко творештво на Никола Крнчев и Раде Најдовски, двајца битолски уметници чии икони и фрески со децении го збогатуваат духовниот и културниот простор кај нас, и надвор од земјата.
Изложбата претставува избор на дела што сведочат за нивната заедничка визија, за мајсторството на зографскиот израз и за вербата дека уметноста може да биде жив сведок на времето. Ова е приказна за едно пријателство, за едно партнерство и за четвртина век заедничка творба. Приказна за наследство вградено во храмови, но и во сеќавањата на генерации љубители на уметноста.
„Бидете дел од нашата молитва во боја во сабота, на 8.8.2026 година, во 20 часот во Офицерскиот дом-Битола.“ – се вели во поканата.