Тања Бошковиќ и Јовица Михајловски лауерати на Кичево Филм Фестивал

Првото издание на Кичево Филм Фестивал со награда за трајни вредности ќе ја награди српската актерска дива Тања Бошковиќ и македонскиот актер Јовица Михајловски.

Уметница чија кариера повеќе од пет децении остава длабока трага во кинематографијата и театарот на поранешна Југославија и регионот. Со повеќе од 40 филмски улоги, бројни телевизиски серии и стотици театарски изведби, Тања Бошковиќ е препознатлива по својот исклучителен актерски талент, харизма и безвременска посветеност кон уметноста. Публиката ќе ја памети по незаборавните улоги во култните филмови „Балкан експрес“, „Окупација во 26 слики“, „Мајстори, мајстори“, „Љуби, љуби, ал’ главу не губи“, „Манифесто“ и „War Live“, како и по телевизиските серии „Среќни луѓе“, „Виза за будућност“ и многу други проекти што ја одбележаа историјата на балканската аудиовизуелна сцена.

Со повеќе од четири децении творештво, десетици филмски улоги и телевизиски серии, Јовица Михајловски остави неизбришлива трага во македонската кинематографија преку филмовите „Викенд на мртовци“, „Тетовирање“, „Самоуништување“, „До Балчак“, „Панкот не е мртов“, „Скопје Ремикс“, “Бушава Азбука”, Соба со Пијано”, Превртено”, “Ефектот на среќа” и многу други. Добитник е на бројни признанија, меѓу кои „Војдан Чернодрински“ за најдобра машка улога (2017), „Златна рамка“ (2021) и државната награда „11 Октомври“ за животно дело (2024). Особено место во неговата кариера има култниот филм „Самоуништување“ (1996), по сценарио на Сашко Насев и во режија на Ербил Алтанај, во кој ја толкува легендарната улога на Кумплунг, а се потпишува и како еден од продуцентите. Филмот останува запаметен како единствениот игран филм во македонската кинематографија реализиран со приватни средства.

По повод 30 години од премиерата на „Самоуништување“, Кичево Филм Фестивал свечено ќе го отвори своето прво издание со специјална проекција на филмот, по што на Јовица Михајловски ќе му биде врачена Наградата за трајни вредности во филмот.