Библиотеката на Еко, една од најважните современи лични збирки книги, содржи над 32.000 наслови, а сега е преместена од миланскиот дом на писателот во простор што му припаѓа на Универзитетот во Болоња, каде што тој бил професор.
Библиотеката содржи збирка што го одразува целиот спектар на интереси на Еко, од средновековната филозофија до семиотиката, од литературата до лингвистика и од популарната култура до стриповите, давајќи извонреден увид во неговиот метод на работа и интелектуален опус.
„Ова е комплексен потфат што е успешно завршен благодарение на придонесот на Министерството за култура, надлежниот орган за заштита на културното наследство и семејството Еко“, објасни ректорот на универзитетот Џовани Молари на церемонијата на отворањето, на која присуствуваа вдовицата на Еко, Ренате Еко-Рамге, и неговите деца.
Според државниот потсекретар во Министерството, Луција Боргонцони, Библиотеката е простор за учење и длабинско истражување, што го отвора Универзитетот во Болоња кон целиот град и светот.
„Ова е значаен момент, резултат на процес што започна во 2018 година“, објасни таа, додавајќи дека целата колекција првично било планирано да остане во Милано, во библиотеката Брајденце, но семејството сакало книгите да се вратат во Болоња, академскиот дом што самиот Еко го избрал.
Библиотеката е сместена во крило на Палацо Поџи од 20 век, во рамките на универзитетскиот комплекс, и го зачувува својот оригинален концептуален распоред благодарение на истражувањата и документацијата спроведени пред преселбата, соопшти Анса. Ова овозможи зачувување на принципот инспириран од идеите на културниот теоретичар Аби Варбург и усвоен од Еко, според кој книгите се организирани врз основа на интердисциплинарни врски и тематски афинитети.
„Покрај носталгијата, бидејќи ги познавам секоја од овие книги долго време, денес се чувствувам среќен и задоволен. Тие сега живеат нов живот на место каде што се грижат за нив и каде што се зачувани со вистинскиот дух“, рече синот на писателот, Стефано Еко.
Во библиотеката се сместени повеќе од 2.000 дела на Еко во бројни изданија и преводи, околу 600 тома посветени нему, комплетната збирка на списанието „Линус“, кое тој го ко-основа во 1965 година, како и работни копии од неговите романи со рачно напишани корекции, заедно со обемни делови посветени на авторите кои влијаеле врз него и темите што го проткајуваат неговото дело.
Посебен акцент е ставен на деловите посветени на литературните жанрови, стриповите и популарната култура, античката и средновековната филозофија, историјата на идеите, семиотиката, преводот и теориите на јазикот.
„Оваа нова библиотека посветена на Умберто Еко, во извесна смисла, го опфаќа целосното значење на знаењето“, рече градоначалникот на Болоња, Матео Лепоре.
Како што заклучи, тоа многу кажува за историјата на овој град и за богатството на ресурси што им се достапни во Болоња на младите луѓе кои доаѓаат тука да студираат.