Последната претстава на битолчанецот во Битолски театар – „Тартиф“ пред 13 години

На 63 години по долго боледување почина македонскиот театарски режисер Сашо Миленковски. Роден во Битола во 1963 година, Миленковкси работниот век го помина во Скопје.

Во својата богата кариера Миленковски има реализирано повеќе од педесет режии на сцените во Македонија, регионот и во Европа. Неговиот опус се одликува со разновидност – од класични автори како Шекспир, Молиер, Достоевски и Бекет до современи драмски текстови. Особено значајно место во неговото творештво имаат поддршката и афирмацијата на современата македонска драма.

На сцената на својот роден град Миленковски последно режираше во 2013 година, кога ја постави „Тартиф“, токму од Молиер. Во претставата играа: Тартиф: Огнен Дранговски, Госпоѓа Пернел: Јулијана Стефанова, Оргон: Никола Пројчевски, Елмира: Менка Бојаџиева, Дамис: Филип Мирчевски, Маријана: Маја Андоновска, Валер: Васко Мавровски, Клеан: Душко Јовановиќ, Дорина: Кристина Христовa–Николова, Кралот Луј: Горазд Христовски, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Маријан Ѓоргиевски Александар Копања.

Меѓу најзначајните негови режии се праизведбата на „Балканот не е мртов“ од Дејан Дуковски во Битолскиот народен театар (1992), која освои четири награди на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и беше изведена на „Охридско лето“ и „Млад отворен театар“. Во 1994 година ја режираше „Коледе“ по негов текст. Се враќа во 2001 година со текстот на Горан Стефановски и претставата „Бакхи – Баханалии“

Со оваа претстава, како и со „Буре барут“ поставена во Македонскиот народен театар во 1994 година, Миленковски даде значаен придонес во промоцијата на Дуковски, кој подоцна се етаблира како еден од најизведуваните македонски драмски автори во светот.

Покрај тоа, успешно ги поставува и драмите „Тетовирани души“, „Црна дупка“ и „Баханалии“ од Горан Стефановски, како и „Лични огласи“ од Братислав Димитров. Важен дел од неговиот опус се и претставите „Кандид во земјата на чудата“, „Кинегонда во Карлаленд“ и „Јов“ од Венко Андоновски, реализирани во Драмски театар – Скопје. Миленковски успешно ги реализира во авторски сценски проекти и своите текстови „Коледе“, „Game over“ и „Ова не е американски филм“. Воедно, неговиот придонес кон независната сцена е значаен преку основањето на театарот „Бабилон“ во 1999 година.

Во периодот од 2006 до 2010 година ја извршува функцијата директор на Македонскиот народен театар (МНТ), а од 2010 година е драматург во Драмски театар – Скопје, каде што активно учествува во креирањето на современиот репертоар.

Во 2011 по негово сценарио е снимен филмот „Ова не е американски филм“.

Годинава ја доби и Наградата за животно дело на театарскот фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Беше сопруг на актерката Билјана Беличанец која почина во 2019. Татко е на режисерката Хана Миленковска.