Деновиве беше означен почетокот на работата на новиот театарски проект „Годо“, современа авторска адаптација по мотиви на култното дело „Чекајќи го Годо“ од Семјуел Бекет.
За првпат во македонскиот театар се реализира копродукција од ваков обем, која обединува четири различни институции и уметнички тимови во заедничка мисија – создавање на ново, современо и автентично сценско читање на едно од најзначајните драмски дела на 20 век.
Проектот е копродукција помеѓу: Народен театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ Велес, НУЦК „Ацо Шопов“ – Театар Штип, НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово и ЕДУИНФО МЕДИЈА – Штип.
Режисер е Ѓорѓи Ризески, кој заедно со Ефтим Трајчов Ѓаурски се автори на идејата и адаптацијата. Музиката ќе ја компонира и изведува во живо Сашко Костов.
Улогите ги играат: Ефтим Трајчов Ѓаурски, Марко Трајковиќ, Жарко Спасовски, Марија Бреслиска и Јоана Панзова.
Проектот е поддржан од Општина Штип и „Штипско културно лето“.
Следуваат интензивни проби, креативен процес и создавање на сценско дело кое низ современ јазик ќе ги отвори прашањата за човекот, иднината, технологијата, надежта и чекањето во 21 век.