Со денешната прес-конференција во кафе Тигре, официјално беше отворено јубилејното 25. издание на фестивалот „Битола Отворен Град“, еден од најзначајните урбани културни фестивали во земјата, кој од 24 до 27 јуни повторно ќе ги претвори улиците, локалите, плоштадите и алтернативните простори во сцени за музика, уметност и идеи.
„Горди сме што фестивалот го доживува своето 25. фестивалско издание. Во далечната 2002 година го започнавме овој фестивал со голем настан но многу поскромно. Ова останува единствен урбан фестивал во Битола и поширокиот регион кој во голем дел од своите активности ги вклучува младите. Не само во програмата туку и во организацискиот дел. Без нив ова фестивалско издание немаше да се реализира онака како што беше замислено.“ – рече Сашо Додовски, директор на МКЦ – Битола.
Фестивалот почнува денес со Годинашното издание започнува со изложбата на минијатури „Ела поблиску“ на Тони Соколов Солза и традиционалната „Вечер со пријателите на Битола Отворен Град“, на која ќе настапат Пијан Славеј и Добрила Грашеска.
Програмата на фестивалот покрај препознатливот музички дел вклучува и DJ работилница со Herzel, работилницата „Money Talks – Финансиска писменост за новата генерација како и јавната дискусија „Дали сме навистина добро?“ во соработка со центар за психотерапија.
„Годинашното издание на „Битола Отворен Град“ е обид повторно да ја претвориме Битола во отворена сцена. Во само четири фестивалски денови ќе се случуваат концерти, изложби, јавни дискусии, работилници, DJ сетови и средби на повеќе локации низ градот. Програмата ги поврзува различните генерации и различните културни јазици. Веруваме дека токму таа разновидност е најголемата вредност на фестивалот и причината поради која „Битола Отворен Град“ опстојува веќе 25 години.
Главниот музички настан е во петок на 26 јуни со битолските „Eruption“, легендарните „Суперхикс“ кои годинава слават 30 години постоење и ова е симболично нивниот 300-ти концерт и српските „Osmi Dan“, бенд кој низ моќен рок спектакл им оддава почит на „Linkin Park“, „Metallica“, „Prodigy“, „U2“, „Ramones“, „Rammstein“ и многу други.
„Петочната вечер ќе биде срцето на фестивалот. На Широк Сокак ќе се сретнат три различни музички енергии. Сакавме концерт што ќе биде достоен за 25-годишниот јубилеј и вечер што ќе ја обедини публиката која растела со овој фестивал.“ – потенцираше Александар Тодоровски.
Фестивалот ќе заврши во сабота со Берза на винили и настап на DJ Chiko во кафе бар Јагода, како и со големиот концерт на Paranoid, The Pot и Sinful Glare на Скејт Паркот на битолското шеталиште.