Кон „Медеја МК“ – монодрама на Валентина Грамосли во режија на Марјан Нечак.
НУ Центар за култура – Битола и Здружението за култура и уметност Движечки Музички Театар – Битола вчера премиерно ја изведоа монодрамата „Медеја МК“.
Текстуалната основа на монодрамата произлегува од Хајнер Милер, но е дополнително испреплетена и збогатена со поезија на Ана Бунтевска, создадена според насоките и концептот на Марјан Нечак. Ваквиот пристап резултира со сценско дело кое не се задржува на класичното прераскажување на античкиот мит, туку го користи како почетна точка за современо преиспитување на темите.
Наместо да се занимава исклучиво со митолошката Медеја, претставата ја филтрира нејзината приказна низ перспективата на современиот човек, отворајќи простор за нови значења и толкувања. Таа не нуди едноставни одговори, туку поставува низа прашања за идентитетот, предавството, осаменоста и границите на личната болка. Токму во оваа современа реинтерпретација лежи нејзината најголема вредност – наместо да го музеализира митот, таа го оживува.
Валентина Грамосли во својата прва монодрамска улога покажува актерска зрелост и сигурност. Иако сама на сцената, таа успева целосно да го исполни просторот со својата енергија, присуство и концентрација. Со прецизно одмерена и суптилна актерска техника, Грамосли постојано ги менува емоционалните состојби на Медеја, движејќи се меѓу болката, разочарувањето, бесот, осаменоста, чувството на предавство и желбата за одмазда. Токму во тие премини меѓу кревкоста и силата, меѓу ранливоста и гневот, Грамосли ја гради комплексноста на ликот, одржувајќи го вниманието на публиката во текот на целата изведба.
Марјан Нечак и во оваа постановка ја потврдува својата режисерска прецизност, препознатлива и од неговата претходна работа на битолската сцена, „Хамлет – денот на убиствата“, во која исто така настапува Валентина Грамосли. Претставата е ослободена од непотребни сцени и монолози, задржувајќи го вниманието на публиката од почеток до крај. Нејзиното времетраење е внимателно одмерено, оставајќи впечаток дека секоја сцена има јасна драмска функција и оправданост.
Во соработка со Сергеј Светозарев, Нечак создава исклучително ефективен и мрачен сценски простор. Електричната жица поставена во форма на ринг и единствената маса со шаховска табла се доволни за да изградат атмосфера на постојана закана, судир и психолошка тензија. Особено впечатлива е препознатливата режисерска практика на Нечак со реквизитите. Белите шаховски фигури што на крајот се заменуваат со црни, црната кутија во која се наоѓа шах, како и шишињата со вода што во одредени моменти функционираат како сценски ликови, не се само практични решенија туку и внимателно осмислени симболи што отвораат дополнителни слоеви на толкување и ја збогатуваат визуелната и драмската структура на претставата.
Симболички значајна улога во претставата имаат и тешкиот синџир врзан околу ногата на Медеја и постојаното присуство на шахот како сценски мотив. Синџирот како визуелизација на товарот што ликот го носи со себе – товарот на предавството, болката, сеќавањата и општествените осуди од кои не може да избега. И кога физички се движи низ сцената, Медеја останува врзана за сопствената судбина, минатото и последиците од своите избори, што ја прави заробеник на една внатрешна и надворешна трагедија.

Монодрамата користи и мултимедијален пристап преку постојаното присуство на камера која ја следи актерката во текот на изведбата, при што снимката во живо се проектира на телевизиски екран поставен на сцената. Иако ваквиот театарски израз не претставува новина сам по себе, во овој случај тој е функционално и внимателно интегриран во целината. Благодарение на бројните интервенции на видеоператорот, различните кадри, зумирања и визуелни ефекти, се создава дополнителен слој на раскажување кој овозможува задржување на одредени сцени, нагласување на емоциите и доловување на изразите на актерката. Особено интересно е што во одредени моменти камерата го насочува својот фокус и кон публиката, со што се брише границата меѓу сцената и гледалиштето и гледачот станува дел од сценскиот чин.
Подеднакво препознатлив е и односот на Марјан Нечак кон звукот, област во која неговото долгогодишно музичко искуство остава силен авторски печат. Звучните ефекти се исклучително прецизно и внимателно поставени, не како обична придружба на дејствието, туку како негов рамноправен драмски елемент. Звукот во претставата создава атмосфера, гради тензија и ја засилува емоционалната тежина на сцените, претворајќи се во еден од клучните носители на драмската енергија и впечатливоста на изведбата.
„Медеја МК“ е внимателно осмислена и уметнички заокружена монодрама која создава впечатливо театарско искуство. А воедно, ова остварување претставува и значаен исчекор за Центарот за култура – Битола, кој по подолг период повторно се враќа на сопствена драмска продукција.