Младиот македонски кантавтор, мултиинструменталист и продуцент Иван Кукиќ издаде нов албум, „Зачарани круг“, издание кое носи единаесет авторски песни и го продолжува својот препознатлив музички пат, комбинирајќи различни жанровски влијанија и врвна музичка вештина.
По албумот „Sunday vibes“, објавен во 2023 година за „Кроација рекордс“, Кукиќ се претставува со ново студиско издание, каде што повторно го потврдува својот талент како композитор, аранжер, инструменталист и продуцент. Како автор и продуцент на албумот, Кукиќ собра врвен тим музичари кои дополнително го збогатија звукот на ова издание со своите изведби.
Покрај Иван Кукиќ, кој свири бас гитара и акустична гитара на албумот и изведува вокални делови, на албумот се појавуваат Зоран Трендов на гитара, Влатко Сапламаев на клавијатури, Марјан Стоилов на тапани, Стојан Иванов на перкусии, Слободан Кржев на ритам гитара и саксофонистот Кирил Кузманов.
Гостувачките музичари исто така му даваат на албумот посебна вредност. Кирил Кузманов гостува во песната „Одам“, Васко Тодоров во композицијата „Без компас“, додека легендарниот актер и поет Раде Шербеџија се појавува во песната „Молитва за љубов“.
Иван Кукиќ се занимава со музичко творештво уште од рана младост, а долги години е и басист во триото „Влатко Стефановски“. Покрај настапувањето со Влатко Стефановски, тој успешно го развива и својот авторски пат преку музика што комбинира рок, џез, светска музика и современ кантавторски израз.