Сузана Манчиќ, Владо Калембер и Дадо Топиќ на Охрид фест 2026

Под светлата на древниот Долни Сарај повторно ќе се испишува музичка историја. Подготовките за 33. издание на „Охрид фест – Охридски трубадури“ се во полн ек, а фестивалот уште еднаш најавува програма што ќе го обедини најдоброто од македонската и балканската музичка сцена.

По традиционалната Фолк вечер на 26 август, веќе следниот ден, на 27 август, Охрид ќе биде домаќин на долгоочекуваната Интернационална поп вечер – музички спектакл што секоја година привлекува публика од Македонија, регионот и пошироко. На фестивалската сцена ќе настапат легендарните: Владо Калембер и „Сребрна крила“, Принцот од Врање, Дадо Топиќ, Сузана Манчиќ, Наташа Михајловиќ од „Фрајле“, Валдера, Броз и Марама, дует Моротови, Биба Додева, Ана Петановска и уште многу домашни и регионални музички имиња. Организаторите засега не ги откриваат сите адути, но најавуваат специјални музички гости чии имиња предизвикуваат огромен интерес низ целиот Балкан.

Интернационалната вечер останува препознатлива по својата разновидност – спој на современа поп музика, нови авторски песни, регионални музички легенди и млади изведувачи кои токму од сцената во Охрид го започнуваат својот пат кон пошироката публика. За атмосферата повторно ќе се погрижи омиленото телевизиско лице прекрасната Марјана Станојковска, која и оваа година ќе биде домаќинка на Интернационалната фестивалската вечер.