Македонската радио-телевизија со задоволство објавува дека Ана Стојаноска е избрана да ја претставува Македонија на Јуниорскиот Евросонг 2026, кој ќе се одржи на 24 октомври 2026 година во Валета, Малта.
Ана беше избрана по спроведена аудиција за избор на претставник на нашата земја. По внимателно разгледување и преслушување на настапите на кандидатите, стручната жири-комисија донесе едногласна одлука, препознавајќи ги вокалните способности, сценската појава и уметничкиот потенцијал на Ана.
Композицијата со која Македонија ќе настапи на Јуниорскиот Евросонг 2026 е дело на Никола Мицевски, едно од најпочитуваните и најуспешни имиња на македонската музичка сцена. Песната беше избрана преку отворен конкурс за автори, при што жири-комисијата исто така донесе едногласна одлука во корист на композицијата на Мицевски.
Текстот на песната е дело на Илчо Нечовски, познат на пошироката јавност како дел од популарниот македонски бенд „Дупер“.
Македонската песна за Јуниорскиот Евросонг 2026 ги обединува талентот на Ана Стојаноска со искуството и креативноста на авторскиот тим. Преку гласот на Ана, музичката визија на Никола Мицевски и лирската чувствителност на Илчо Нечовски, Македонија има за цел да претстави песна со емоција, енергија и силна порака за младата публика ширум Европа.
Повеќе детали за песната и за официјалното претставување ќе бидат објавени наскоро од страна на Македонската радио-телевизија.