Со мјузиклот „Као какао“ ќе се отвори Битфест 2026

Со хит мјузиклот „Као какао“ на 19 јуни ќе се отвори 18. издание на Битфест. Изведбата на новиот мјузикл инспириран од култната песна на Влатко Стефановски и „Леб и сол“ ќе се одржи во Центарот за култура – Битола.

Отворањето беше најавено на прес конференција на која се обратија: Влатко Стефановски, режисерот Дејан Пројковски, продуцентот Владимир Мандичевски, директорот на КИЦ – Битола, Димитар Михајловски, актерите Владимир Петровиќ и Катерина Јовановиќ.

„Драго ми е што во Битола е првиот настап надвор од Скопје. Таму доживеавме огромен и неочекван успех. Се покажа дека публиката е желна за нешто вакво. Ова е голема продукција со голема екипа и со големи уметнички имиња.“ – истакна продуцентот Мандичевски.

Режисерот Дејан Пројковски откри дел од содржината на мјузиклот кој има околу 50 учесници на сцената.

„Мјузиклот „Као Какао“ е приказна која спојувајќи го текстот со музиката на Влатко, всушност зборува за еден млад човек од населбата Тафталиџе во Скопје кој што тргнува да ги следи своите соништа. Всушност самата претстава зборува за тоа дека изборот е во секој од нас. Дали сме крајот или почетокот на светот. Одлуката е во нашата глава.“

Влатко Стефановски, по чија музика е инспириран и создаден мјузиклот кој во драмска верзија го напиша Венко Андоновски, откри дека постојано го чувствува присуството на духот на својот брат Горан покрај себе. А како што вели, мјузиклот не е биографска приказна за него и неговиот бенд иако се препознава во дел од сцените.

Стефановски сподели и која сцена од мјузиклот најмногу го допрела.

Првите изведби на мјузиклот беа на 3 и 4 јуни во Македонскиот народен театар во Скопје, а актерите во главните улоги – Владимир Петровиќ и Катерина Јовановиќ се уште ги собираат импресиите од премиерата.

Организаторот на Битфест, КИЦ – Битола деновиве ќе објави информации за влезниците за отворањето на Битфест а деновиве ќе следува и целата програма за Битолското културно лето, кое ќе трае до 29 август.