„Општеството денес е како прилепско биено сирење полно со дупки“ вели екипата на „Мачкина глава“

Јубилејното 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ синоќа се отвори со претставата „Мачкина глава“ на Драмски театар – Скопје. Воедно првата претстава во официјалната конкуренција на фестивалот за награди, е праизведба на текст од Венко Андоновски а во режија Дејан Пројковски.

Претставата уште на првата прес конференција во Драмски театар, авторот Андоновски ја опиша како „постмодерна рециклажа“ на „Диво месо“ од Горан Стефановски а режисерот Пројковски кажа дека со неа се обидува да направи деконструкција на ова култно дело. Токму и гледачите низ дејствието и повеќе реплики во претставата се потсеќаат на познатото дело.

Па токму тоа беше неизбежна тема на денешната тркалезна маса со дел од екипата на претставата. Со публиката во Прилеп разговараа актерите: Филип Трајковиќ, Александар Степанулески и Златко Митрески а модератор на разговорот беше Звонко Димоски. Па се постави прашањето: Дали претставата е на некој начин, разговор со драмите на Горан Стефановски или е разговор со секојдневието кое го живееме?

„Во „Диво месо“ кога е пишувано во 1978 година, таму проблемите се чисти, еден, два, три, четири проблеми. Кои се точно вкрстени. Сега Венко зема да пишува нешто, ама проблемите се милион. „Диво месо“ е ремек дело и прашање е дали ти покрај „Диво месо“ можеш да направиш ремек дело со милијарда проблеми денес и општество кое денес е станато прилепско биено сирење со толкави дупки. Можеш само да направиш ремек дело врз основа на тогашното време со сегашното ремек дело на неживеење. Ние во претставата имаме градоначалник кој никогаш никој не го видел, а денес имаме таква ситуација во Општина Карпош. Никој не го видел градоначалникот и не знае каде е. Освен оние кои „треба“ да знаат каде е.“

За процесот на работа на претставата со две исклучително силни уметнички и театарски имиња се осврнаа актерите Златко Митрески и Филип Трајковиќ.

„Според мене првиот потег е доста храбар. Да го земеш „Диво месо“ како една база и основа на кој ќе го адаптираш овој современ текст. Процесот е поинаков бидејќи имаш соработка со жив актер. Од првите проби Венко беше присутен и интересна е соработката со него бидејќи се отвораат темите на маса. Од гледна на точки на ликови имаш човек кој ја прати како се развива ситуацијата со кастингот и имаше промени во текот на пробите.“ – започна актерот Златко Митрески.

А Филип Трајковиќ кој го игра Ѕвездан се надоврза:

„Двајцате се пристуни цело време и си се водат. Секој си има свој дел и удел во самата претстава. И се надополнуваат и развиваат во текот на целата работа на претставата. Немаше дел каде што можеше да разграничиш кој превзема водство.“

„Мачкина глава“ својата премиера ја имаше во април годинава и со неа се одбележа 80-годишнината на Драмски театар и е 461. премиера на оваа театарска куќа.