Во Струмички театар започнаа пробите за „Поручникот од Инишмор“

Во Театар „Антон Панов“ – Струмица вчера започнаа подготовките за новата театарска продукција „Поручникот од Инишмор“ од ирскиот драмски автор Мартин Мекдона. Претставата е во режија и адаптација на Ивана Ангеловска, а драматург на проектот е Весна Куслевска.

Улогите во претставата ги толкуваат актерите Коста Ангов, Анкица Бенининова, Ванчо Василев, Михаил Велков, Стојан Велков, и Игор Тодоров.

Станува збор за едно од најпознатите драмски дела на Мекдона, црна комедија која преку специфичен хумор, апсурдни ситуации и силна драмска тензија отвора прашања за насилството, идеологиите и човековата природа. Пред ансамблот претстои интензивен креативен процес, исполнет со истражување, актерска посветеност и градење на сценски свет кој ќе понуди современо читање на овој значаен текст.

Ова е вториот проект од Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес од областа на драмската дејност, поддржан од Министерството за култура и туризам. Премиерата е планирана за 15 јули 2027 година, со што Театар „Антон Панов“ – Струмица ќе ја заокружи театарската сезона со уште една нова продукција во својот репертоар.