„We will rock you“ – деца ќе ги изведуваат најголемите рок класици во Скопје

Замислете сцена на која стојат деца со инструменти во раце – инструменти кои некогаш се поголеми од нив. Замислете го мигот кога започнува првиот тон и тие мали деца растат пред вашите очи, се трансформираат и стануваат професионалци кои владеат со сцената.

Концертот наречен „We Will Rock You” кој ќе се одржи на 7 јуни (недела) на отворената сцена во Паркот на Франкофонијата со почеток во 21 часот. На овој концерт кој ќе трае 120 минути ќе се изведат 25 кавери на најпознатите рок класици – секоја изведена од различен бенд, со нови гласови и нова енергија на сцената.

Рок музиката е еден од најмоќните и најздрави начини на кои тинејџерите ја изразуваат и ја канализираат својата енергија, бунт и емоции. Во фазата на растење, кога внатрешните притисоци се интензивни, а потребата за изразување е огромна, рокот функционира како незаменлив издувен вентил. Сепак, и покрај оваа очигледна вредност, рок музиката е хронично недоволно застапена во јавните настани и институционалните програми.

Концертот „We Will Rock You” е дел од Програмата за култура на Општина Центар-Скопје за 2026 година. Влезот е слободен и отворен за сите посетители.