Јудит Унгвари, унгарска театарска критичарка
MITEM 13 Хроника
По вторпат Турскиот театар од Северна Македонија е дел од програмата на MITEM. Во 2025 година тие гостуваа со сосема уникатна адаптација на „Слепците“ од Maurice Maeterlinck, а годинава фестивалската публика имаше можност да го види нивното читање на „Амадеус“ од Питер Шефер, дело широко познато и преку неговата култна филмска верзија.
Во режијата на Андреј Цветановски гледавме моќен, прецизен и театарски исклучително инвентивен Амадеус, исполнет со впечатливи и елегантни режисерски решенија. Може да се каже дека оваа адаптација му пристапува на материјалот од еден речиси „секојдневен“, човечки агол. Во фокусот не е толку прашањето за генијот — дали тој може да биде разбран или не — туку природата на злото и процесот преку кој зависта, стравот од губење моќ, влијание и статус постепено го обземаат човекот што чувствува дека никогаш нема да може да го надмине другиот.
Накратко, оваа верзија многу повеќе зборува за Салиери отколку за Моцарт, иако Моцарт останува емотивниот центар на претставата. Но денешниот свет, како да му припаѓа повеќе на луѓето како Салиери отколку на оние како Моцарт — или така барем може да се почувствува гледачот. На ситните опортунисти што газат преку сите околу себе, што валкаат сè што има вредност само за да се издигнат над толпата или да изгледаат како морално подобри луѓе.
Режијата на Андреј Цветановски е извонредна од повеќе аспекти. Пред сè, затоа што не се задоволува со безбедно, рутинско раскажување на историска драма. Наместо тоа, добиваме многу посуштинско и продорно сценско читање. Текстот е умешно скратен: драмата со повеќе чинови на Шефер овде е претворена во концентрирана двочасовна театарска композиција. Благодарение на оваа драматуршка кондензација, интимната употреба на просторот и речиси скелетниот визуелен јазик — како металната конструкција на клавирот — претставата добива уште поголема драмска сила.
Сценската слика е поставена во помал простор од очекуваното (претставата не се игра на голема театарска сцена), но и покрај тоа остава моќен визуелен впечаток. Македонскиот режисер со исклучителна прецизност и театарска интелигенција ги користи симболичките сценски елементи. Особено впечатлива е сцената со лентите што висат од апстрактната сценографија: додека актерите кружно се движат низ сцената и ги заплеткуваат лентите, гледачот истовремено може да помисли на нишките на судбината, но и на пајажина во чиј центар веќе демне предаторот- Салиери.
Сценографијата, извонредно осмислена од Сергеј Светозарев, впечатливо ги користи и ротирачките огледални врати. Освен што отвораат динамични сценски можности и создаваат уникатна визуелна композиција, тие ја повикуваат и симболиката на самоспознанието и распаднат идентитет. Подеднакво елегантни и впечатливи се и костимите на Раде Василев: иако во силуета потсетуваат на виенскиот двор, со својата колоритност и повремените поп-арт мотиви тие остануваат целосно современи.
Актерите играат со извонредна динамика, емоционална широчина и силен внатрешен набој. Во оваа претстава има нешто тешко објасниво, но несомнено живо — една специфична балканска енергија што пулсира низ целата изведба. Особено ми се допадна што Моцарт на Јеткин Сезаир не е сведен само на инфантилноста; неговата игра е богата со емоции и нијанси. „Идиотот – вундеркинд“ се појавува само во првата сцена, дополнително нагласено со духовитото режисерско решение Моцарт да влезе со цуцла во устата.

Фото: Eori Szabo Zsolt
Извонредна актерска изведба остварува Селпин Керим во улогата на Слаиери, кој несомнено станува двигател на целата претстава. Неговата лукава и манипулативна појава, како и силната сценска харизма, целосно владеат со просторот, што го прави совршен избор за оваа улога. Како Констанца, Слаѓана Вујошевиќ внесува свежина и леснотија, но под таа живост се крие голема драмска сила: подеднакво убедливо ја прикажува и разиграната, комична Констанца, како и емотивно скршената жена.
Во целина, Амадеус на Турски Театар Скопје можеби не нуди радикално ново читање на делото, но несомнено претставува необична и интелигентна интерпретација исполнета со инвентивни сценски решенија, силна драмска тензија и извонредни актерски остварувања.