Ивана Ковач објави преработка на хитот „Malo mi je jedan život s tobom“, оригинално изведена од нејзиниот татко Мишо Ковач.
Таа ќе ја изведе оваа песна на фестивалот CMC во Водице на 13 јуни. А неодамна се претстави на публиката со заразниот сингл „Ovisan“.
„Песната е прекрасна, носи посебна емоција во себе, а Лео Шкаро и Тони Рајновиќ ѝ дадоа нов изглед. Првпат ја слушнав кога бев многу мала, околу седум или осум години. Тоа е првата песна на листата песни од албумот „Ivana piva ćaću“ и некако ми се наметна кога Тони ми ги испрати аранжманите. Знаевме дека мора да почнеме со тоа. А што се однесува до пеењето песни на мојот татко, веќе сум навикната“, рече Ивана.
Музиката за песната ја напиша Ѓорѓе Новковиќ, текстот е на Марина Туцаковиќ, додека новиот аранжман е на Тони Рајновиќ и Лео Шкаро. Видеото со текстот е продуцирано од CroRec Video.
Оригиналната верзија на песната „Malo mi je jedan život s tobom“ ја издаде Мишо Ковач во 1987 година, а песната набрзо стана еден од неговите најголеми хитови.
Истата година, тој го издаде истоимениот албум, кој вклучуваше безвременски класици како што се „Svi pjevaju, ja ne čujem“, „Poljubi zemlju“ и „Slušaj majko, moju pjesmu“, како и бројни други песни што публиката сè уште ужива да ги слуша денес.