Најмногу пари за „Браќа Манаки“: Објавени резултатите од конкурсот за финансирање на фестивали

Aгенцијата за филм ги објави резултатите од конкурсот за финансирање проекти за организирање домашни фестивали и други филмски манифестации од меѓународен карактер за 2026 година.
На овогодишниот конкурс беа поднесени вкупно 34 апликации, од кои, по спроведена евалуација, поддршка добија 20 проекти. За оваа намена, Агенцијата за филм обезбеди вкупен буџет од 35 милиони денари, што претставува зголемување во однос на претходната година, кога беа издвоени 28 милиони денари.

Најголемиот филмски фестивал во земјава, „Браќа Манаки“ во Битола доби рекордни 12 милиони денари. Следен по висина на поддршката е „Македокс“ во Скопје со 5.5 милиони денари.

Во Битола покрај за „Браќа Манаки“ финансиска поддршка ќе добие Интернационалниот етнографски филмски фестивал во организација на Центарот за култура – Битола со поддршка од 200.000 денари и Интернационалниот фестивал на аматерски филм „Камера 300“ со 250.000 денари.

Помеѓу поддржаните проекти се и „Синдејс“, Филозофскиот филмски фестивал, „Киненова“, „Џифони“ итн.

Дополнително, за првпат беше воведен модел на презентација (пичинг) на проектите, при што апликантите имаа можност директно да ги претстават своите концепти и програмски насоки пред стручната комисија, со цел поголема транспарентност и квалитет во одлучувањето.

Финансиската поддршка од Агенцијата изнесува до 70% од вкупниот буџет на секој поединечен проект, а при изборот приоритет имаа фестивали со докажан континуитет и квалитет, како и нови, иновативни концепти со едукативна вредност и јасна меѓународна ориентација.

Со оваа поддршка, Агенцијата за филм продолжува да ги зајакнува домашните фестивали и филмски манифестации кои имаат значајна улога во промоцијата и позиционирањето на македонската кинематографија на европската и светската културна сцена.

Согласно Законот за филмска дејност, Управниот одбор на Агенција за филм на Република Северна Македонија на седница одржана на ден 30.04.2026 година ги донесе одлуките за прифатени и одбиени проекти по Конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во филмската дејност за 2026 година – организирање на домашни фестивали и други филмски манифестации од меѓународен карактер.