Во пресрет на нивниот голем славенички солистички концерт во арената „Јане Сандански“ на 9-ти мај годинава, македонската група „Нокаут“ има нова песна. Во неа како специјален гостин се појавува нивниот стар пријател Дарко Гелев – Брејк, со кого Пере одамна соработува.
Овој пат вокалната дружба на двајцата музички пријатели се огледа во една полнокрвна фанки тема и интересна приказна која во себе је крие кризата на средните години и вечната дилема со илјада прашања што го мачат сиот машки свет, насловена, „Дента кога наполнив 45“.
Логична сторија за она со што се судира секоја зрела личност во доба кога има доволно години за да ги брои сопствените успеси, но и да се судри со личните предрасуди за да процени кои му се вистинските пријатели, а кои во животот само случајни минувачи.
„Кои ти потпишале, па те отпишале, кои те пропуштиле, па те уништиле, кои ти верувале, па после претерувале“… како што велат стиховите во самиот рефрен потенцирајќи го најважното прашање за милион долари: „А ти, каде си?“
Музички модерно спакувано фанки со заразен танцов ритам и певлив рефрен, со шмек на 80-те и 90-ите, но со саунд визура која е прилично препознатлива за стилот кој Пере и бендот од прв ден го негуваат.
Автор на музиката е Никола Перевски – Пере, стиховите ги напишал Игор Џамбазов, додека аранжманот го направиле Никола Перевски и Дарко Димитров. Финалниот микс, пост продукцијата и мастеринг ги направил Дарко Димитров а спотот го режирал Огнен Шапковски.