„Танц фест“ им додели награда „Менада“ на балетанот Баталков и градоначалникот Коњановски

Бордот на интернационалниот фестивал ТАНЦ ФЕСТ 2026, за 22-то издание, донесе одлука Наградата „Менада“ за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност да ја додели постхумно на балетскиот уметник и доајен на македонскиот балет Антон (Тони)  Баталаков.

Воедно, со оглед на развојот на фестивалот и официјално во други градови освен Скопје, и одличната соработка која ја остваруваме годинава со Општина Битола, Бордот на фестивалот доделува Специјална награда „Менада“ за поддршката на современиот танц на Општина Битола и Градоначалникот Тони Коњановски.

„Специјалната награда не се доделува секоја година, туку само кога ќе се препознаваат соодветни вредности во насока на развојот на современата танцова уметност кај нас.“ – велат од бордот на фестивалот.

„Антон (Тони) Баталаков (1945–2021) е балетски уметник, професор, педагог, репетитор, асистент кореограф, режисер и долгогодишен директор на балетот, чиј животен и творечки пат се неразделно поврзани со развојот, афирмацијата и уметничкото созревање на балетската сцена во Македонија. Роден е во Скопје, кадешто по завршувањето на гимназијата „Цветан Димов“ и Балетското училиште, се вработува во Балетот при МНТ, реализирајќи се во годините што следуваат како комплетен уметник и општественик. По извонредната балетска кариера, Тони Баталаков го презема раководењето со Балетот, како негов шеф, а потоа и како негов директор и во историјата на македонската балетска куќа, тој е впишан и како нејзин најдолгогодишен директор (1979 – 1989), 10 години кои стануваат златните години на балетот. Баталаков го развива и позиционира домашното кореографско творештво, а под неговото раководство Балетот на Македонскиот народен театар настапува на бројни фестивали и гостувања во странство, меѓу кои Австрија, Грција, Франција, Канада и др. освојувајќи значајни признанија и награди и афирмирајќи го македонскиот балет на меѓународната културна сцена.“

„Со оглед на севкупната дејност на Антон (Тони) Баталаков, неговата извонредност како балетски уметник, педагог и директор кој остава неизбришлива трага во развојот но и врвните години на македонскиот балетски ансамбл, Бордот на интернационалниот фестивал Танц Фест Скопје, на 22-то издание, со огромно задоволство, постхумно, му ја доделува наградата „МЕНАДА за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност!!!“ – стои во одлуката на Бордот на фестивалот Танц Фест 2026.