Стариот ресторан на Центар за култура станува сцена на фестивалот на монодрама

Центарот за култура – Битола денеска на прес-конференција го најави 27. издание на Интернационалниот фестивал на монодрама кое ќе се одржи од 23 до 29 април на три сцени во оваа национална установа.

Фестивалот се отвора со стенд-ап на Тијана Дапчевиќ под насловот „Менопауза“ а на затворањето ќе се одигра претставата „Гидионовиот јазол“ во продукција на Драмски театар – Скопје.

Од 60 пријавени монодрами селектирани се 13 монодрами од 10 земји. И тоа од Полска, Италија, Ерменија, Египет, Казахстан, Романија, Чешка, Бугарија, Грузија и Македонија.

„Големиот број на пријавени зборува за традицијата на овој фестивал, за желбата на толку многу уметници од Европа и целиот свет да сакаат да допатуваат и се претстават овде. Имаме извондредни актерски остварувања, режисерски концепти и нови видувања на познати теми.“ – вели селекторот Благој Мицевски.

Монодрамите ќе се играат традиционално на големата сцена, на Нова сцена а од ова издание и на Бар сцена.

„Оваа година воведуваме една нова сцена – Бар сцена. Таа е позиционирана во поранешниот ресторан на Центар за култура, простор кој се обидовме да го адаптираме со минамални технички зафати во вид на една експериментална сцена. И на неа ќе се одиграат четири претстави.“ – рече директорот Илковски.

На прес-конференцијата се обрати и Љупка Пајевиќ, долгогодишен организатор на фестивалот. Таа оваа година ја курираше изложбата на фотографии од лауератите на фестивалот.

„Ако се навратам да направам некоја реминисценцијана фестивалот, од 1999 година кога започна па до денес. Навистина има голема разлика, без разлика што секогаш сме имале квалитет. Oва е најстар фестивал после оној во Земун, а другите се многу помлади. Кај нив после доаѓањето кај нас се изроди желба и мотив да основаат други фестивали во Албанија и Бугарија.“

Членови на фестивалско жири ова издание се: актерката од Обединетото кралство Керолајн Бернс – Кук, театарската критичарка Анџелина Роска од Молдавија и актерот Кире Ѓоревски.

„2007 година го имав прво учество со монодрама на овој фестивал. Овој пат сум како жири, незнам како ќе биде. Како битолчанец ми е многу ќеиф и сум радосен дека сум тука повторно, во мојот град. Многу научив од фестивалската природа како треба да се однесуваме на сцена и воопшто во тој колективитет на различни луѓе.“ – рече битолскиот актер и пантомимичар Кире Ѓоревски, кој е вработен во театарот „Иван Вазов“ во Софија.

Во пропратната програма на фестивалот и ова издание се познатите живи статуи а на 25, 27 и 28 април во Офицерскиот дом при КИЦ – Битола свои работилници ќе имаат Кире Ѓоревски, Дени Денис од Данска и Наира Једигајран од Ерменија.

„Веќе неколку години ја збогатуваме програмата и со офф-програма. Се трудиме да го продолжиме она што некој го градел толку многу години и ни е останато како аманет. Со тоа што ќе го збогатиме со дополнителни активности“ – рече Љупка Стефановска, стручен соработник во установата.

За прв пат од ова фестивалско издание Центарот за култура ќе започне со снимање на документарен филм од своите фестивали. Па така целиот процес на организација и реализиација на фестивалот на монодрама ќе прераснат во 50 минутен филм.