Тамара Тодевска следниот месец ќе го издаде новиот студиски албум „Кукла жива“, а закажа и голем солистички концерт во Скопје, со кој ќе одбележи и 25 години успешна музичка кариера.
„Со месеци чекав да дојде денот да го споделам сето ова со вас, знаете колку сум нестрплива. Новиот почеток не е од нула. Туку од тоа што сум денес. Свесна, среќна и подготвена за новата ера, во која заедно ќе имаме уште многу убави моменти.“ – вели Тодевска.
Албумот содржи 11 нови песни создадени во соработка со Коста Петров, со аранжмани на Емин Џијан. Станува збор за музички проект исполнет со емоции, искреност и лични приказни, кои ја отсликуваат нејзината уметничка и животна трансформација во изминатиот период.
По објавувањето на албумот, публиката ќе има можност да ги доживее новите песни во живо на големиот солистички концерт закажан за 3 октомври во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје, со почеток во 20:00 часот. Вечерта ќе биде спој од новиот звук и препознатливите хитови, во еден голем музички настан и средба со публиката.
Картите за концертот се веќе во продажба преку платформата Way In.