Познатата црна комедија наскоро во Велешки театар

Во Театар „Јордан Х.К. Џинот“ започнаа пробите за новата претстава „НОНА“, дело на аргентинскиот драмски автор Роберто Коса. Режијата ја потпишува Дамјан Костовски, кој на сцената ќе ја донесе оваа позната црна комедија што со децении предизвикува интерес кај публиката ширум светот.

Насловната улога, ликот на Нона, ја толкува актерот Фаик Мефаилоски, а во претставата останатите улоги ги толкуваат и Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Славица Манаскова, Благојчо Стојанов, Кире Ацевски и Сандра Танчева.

Креативниот тим е составен од Филип Коруновски како сценограф, Марија Пупучевска како костимограф, Сашко Костов како автор на музиката и Катерина Момева, драматург.

Претставата „НОНА“ е едно од најзначајните дела на Роберто Коса, кое преку хумор и апсурд ја отвора темата за семејните односи, општествените притисоци и човечката алчност. Со оваа продукција, Театар „Џинот“ продолжува да ја збогатува својата репертоарна понуда со современи и провокативни текстови.