Во продажба винилно реиздание на албумот „Путујемо“ на „Леб и сол“

Речиси четири децении по првото издавање, десеттиот студиски албум на групата „Леб и сол“ – „Путујемо“ го доби своето луксузно реиздание. Албумот што го дефинираше звукот од доцните осумдесетти и го зацементираше култниот статус на „Леб и сол“ како апсолутни виртуози, е повторно достапен во винил формат, за стари фанови и нови генерации истражувачи на добриот звук.

Првично објавен во 1989 година, „Путујемо“ претставуваше врв на креативна зрелост на поставата составена од Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Гаро Тавијан и Кирил Џајковски. Создаден на бранот на ентузијазам и голем успех на претходниот албум „Како какао“, „Путујемо“ беше снимен во студиото М2 РТВ Скопје на почетокот на 1989 година. Албумот на најдобар можен начин ги усогласи сите стилски карактеристики што го придружуваа „Леб и сол“ – македонски етно мелос, џез и модерен поп-рок, раѓајќи ги и денес неизбежните хитови како што се „Чукни во дрво“, „Исток – Запад“ (телепатски) и „Има едно нешто“. Албумот го сними долгогодишниот соработник на групата, Брацо Зафировски, а како гости на албумот се појавија Калиопи, Коки Димушевски, Зоран Јовановиќ Лима и Кире Костов.

Реизданието содржи рецензија од музичкиот критичар Зоран Тучкар и ексклузивно интервју од Ненад Георгиевски со Влатко Стефановски.

„Со албумот „Као какао“, во извесна смисла, го спасивме бендот. „Леб и сол“ ќе се распаднеа ако тој албум не беше успешен. Нè издржа, албумот беше многу успешен, ни донесе многу концерти, нè стабилизираше финансиски и ни овозможи порелаксирано да размислуваме за следниот албум. Брзо се вративме во студиото, во рок од една година почнавме да го снимаме албумот „Путујемо“ на почетокот на 1989 година. Ова е логично продолжение на албумот „Као какао“. Помек во споредба со него, барем кога станува збор за „музичка агресија“, добивме еден вид кредит, а музиката звучеше малку порелаксирано. Обрнувавме внимание на секој тон, на секој детал. Тоа можете да го чуете и денес.“

Покрај текстуалната содржина, брошурата содржи претходно необјавени фотографии од Георги Христовски направени во пролетта 1989 година на фотосесија за албумот, како и вредни документи за снимањето на албумот од архивата на Брацо Зафировски, продуцент, снимател и концертен тонски инженер на бендот „Леб и сол“.

Албумот е ремастериран од Горан Мартинац (Croatia Records Studio), додека лакотниот рез на албумот е „исечен“ од Шон Меги во лондонските студија „Abbey Road Studios“. Заедно со белиот винил од 180 грама, изданието вклучува и картичка за преземање со код за преземање на mp3 верзијата на албумот. Реизданието е дизајнирано од Дарко Кујунџиќ.