„Саатот“ премиерно во Прилепски театар

На 2 април (четврток) на Сцена 105, театарот „Војдан Черрнодринскии“ при НУЦК „Марко Цепенков“ од Прилеп премиерно ќе ја изведе претставата  „Саатот“ во режија на Кристина Димитрова.

Ова е претстава за судирот меѓу објективното и субјективното време кои ретко се синхронизирани, но и за повторливоста наспроти минливоста – две спротивности од кои колку и да бегаме, секогаш, без исклучок, нѐ наоѓаат.

Улогите ги играат: Саатот – Филип Јездиќ, Јован – Димитар Ѓорѓиевски, Вера – Наташа Ачански. Вокална појава во финалната сцена има Ана Митоска а Огнен Јанески, Даниела Иваноска, Гоце Кантар и Кристина Димитрова исто така ги позајмија гласовите.

Персонифициран ѕиден часовник е дел од животот на еден брачен пар – постојано ги следи, им го окупира просторот и буквално им го одбројува времето. Проблемот започнува токму од нивниот различен однос кон времето: додека мажот е спокоен и нема проблем со присуството на саатот, на жената ѝ пречи неговото непрекинато чукање, ја прави нервозна и премногу свесна за поминувањето на времето. Таа упорно го наведува сопругот да заминат некаде и да почнат да прават нешто значајно со своите животи пред да биде предоцна, но каде и да оди, што и да прави, таа не успева да се ослободи од чукaњето на саатот. Времето не гарантира смисла – ни овде, ни никаде.