На магичната сцена на Народниот театар „Иван Вазов“ во Софија, синоќа (27 март), токму на Светскиот ден на театарот, македонскиот музичар и композитор Сашко Костов се закити со престижната награда „Икар“.
Наградата му беше доделена во категоријата за најдобра авторска музика, признание што Сојузот на артистите на Бугарија го доделува за исклучителни достигнувања во театарската уметност.
Костов беше награден за неговиот уникатен звучен печат во театарската претстава, со што уште еднаш ја потврди својата позиција како еден од најкреативните и најплодните композитори во регионот. Неговиот специфичен спој на електроника, живи инструменти и атмосферски вокали успеа да ја освои стручната комисија во силна конкуренција.
Наградите „Икар“ се сметаат за бугарски еквивалент на „Оскар“ или „Тони“ во светот на театарот. Церемонијата традиционално се одржува секоја година на 27 март, обединувајќи ги најдобрите актери, режисери, сценографи и композитори.
Добивањето на ова признание во храмот на бугарскиот театар – Народниот театар „Иван Вазов“ – му дава дополнителна тежина на успехот на Костов, кој со години неуморно работи на релација меѓу различни уметнички дисциплини и држави.