Актерот во пензија од Турски театар, Атила Клинче е добитник на актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2026 година. Наградата се состои од плакета со ликот на Петре Прличко, паричен износ од 30.000 денари и цветен аранжман.
Одлуката за добитникот Атила Клинче како еден од создавачите на македонската театарска сцена едногласно ја донела жири-комисијата во состав на актерите: Васил Зафирчев, Благојчо Стојанов и Слободанка Чичевска, актер и минатогодишен добитник на наградата.
Како што посочи Чичевска, актерскиот опус на Атила Клинче е одбележан со бројни значајни улоги од светската класика и домашната драматургија. Неговиот актерски опус вклучува комплексни и значајни ликови како: Хамлет, Енкиду во Гилгамеш, Едип, Мемет, Магбет, Фентон, Креонт и многу други, кои ги изведува со извонредна длабочина и мајсторство. Тој е добитник на Награда за млад актер на МТФ „Војдан Чернодрински“ за улогата на Мемет (1982 г.). За истата улога е прогласен за најдобар актер од страна на весникот „Млад Борец“. Во 2003 г. од страна на Турските медиуми е прогласен за Актер на годината. Во 2005 за главната улога на таткото во претставата „Куќа на граница“ на МТФ „Војдан Чернодрински“, Клинче ја добива наградата за најдобро актерско остварување. Во 2016 ја добива државната наградата „11 Октомври“.
Атила Клинче има голем број улоги и во филмот и на телевизијата, каде што се истакнува со својата разновидност и интензивност во интерпретациите. Помеѓу кои во „Тетовирање“ на Столе Попов, „Бог да ги убие шпиуните“ во режија на Ацо Алексов, во „Пред дождот“ и „Прашина“ на Милчо Манчевски, „Пусто турко“ во режија на Коле Ангеловскикако и во сериите „Наше маало“, мега турската серија „Збогум Румелија“, „Балканска свадба“, „Последно лето“ и македонската хит серија „Преспав“.
На годинешниот конкур за Наградата за животно дело „Петре Прличко“ пристигнати биле само две апликации. Што е исклучително слаб интерес од страна на театрите и актерите во Македонија.
-„Индиферентноста на културните институции или неопходно потребните измени во Правилникот за доделување на наградата. Одредницата „средна генерација“ можеби треба да се промени со „највозрасната категорија“ бидејќи ова е награда која се доделува за континуирани остварување во еден подолг временски период, додаде Зафирчев. Тој го повика организаторот, Општина Велес, да размисли за неговите прелози и пристапи кон поголемо мотивирање на кандидатите.“ – изјави Васил Зафирчев.