Македонската ТВ серија „Утре наутро“ во режија и по сценарио на Јани Бојаџи од 29 март го започнува своето емитување на Алфа телевизија. Под истото име минатата година низ македонските кина се прикажуваше и филм, кој во текот на снимањето прерасна во серија.
За дејствието кое е инспирирано од настаните од 27 април и македонските прашања како негова вечна инспирација, разговаравме со Бојаџи во пресрет на телевизиското емитување на неговиот најнов проект.
Дејствието е инсприрано во дел од настаните на 27 април 2017 г. а има а дел и од периодот од 2014 година. Кога започнавте со работа на сценариото? Кој момент ве инспирираше и што освен тој настан ви беше инспирација?
Јани Бојаџи: Па нема некоја мистерија. Настаните од 27 Април 2017 година се она пресвртна точка во историјата на Македонија, после која, да бидеме искрени, ништо не е исто. Ниту земјата, а ниту ние. Веројатно тоа е доволна причина да се раскаже една приказна за тоа време и за тие луѓе. И за нас самите. Јас мислам дека сите ние, на еден или друг начин сме одговорни за сето она што ни се случи. Се разбира, некои беа виновни, а некои и одговорни и виновни во истото време. Јас во ова приказна раскажувам за луѓето и времето кои поминаа низ пеколот на политичкиот и социјалниот пекол. Луѓе кои останаа тука да се борат за себе си, за сопствените животи, за правото да добијат правда и за сите оние други луѓе кои мислеа дека омразата ќе ги прочисти. За жал, омразата раѓа само омраза. Во тој смисол, „Утре наутро“ е приказна за омразата и злото што таа го носи. А настаните од 2014 во која прво ромите од Македонија го доживеаа пеколот на прогонот, а ние не ги одбранивме, па четири години подоцна не најде истото зло, се драматуршка кондензација на времето. Вообичаена постапка кога чисто наративно, времето се поместува за да се постигне континуитет.
И оваа серија како и дел од Вашите претходни филмови и серии обработува една осетлива тема за македонското општество која се уште предизвикува поделба. Зошто повторно избравте ваква тема?
Јани Бојаџи: За жал, тоа е така. Но функцијата на уметноста е да прочистува, да променува. Во тој смисол, колку повеќе зборуваме за оние работи кои не разделуваат, толку полесно и толку подобро ќе се обединиме. Ако некој мисли дека проблемите ќе ги реши – игнорирајќи ги, тогаш тој човек е зол и не разбира ништо.
Македонските прашања лично ве допираат и инспирираат?
Јани Бојаџи: Да бев германец, веројатно е дека би ме допирале герамаснките прашања. Јас во принцип раскажувам за работи што ме засегаат. И работи што ги чувствувам и разбирам. Верувам дека ако искрено раскажете за нешто што вас ве засега, сигурно дека ќе се најде и некој друг како вас што го засегаат истите работи.
Во серијата им доделивте улоги на повеќе театарски актери кои ретко или речиси никогаш немале филмски и телевизиски улоги. Како го правите кастингот?
Јани Бојаџи: Одам во театар, гледам претстави и точно можам да разберам кој актер има потенцијал за филм. Иако за мене, тетар и филм не е нешто многу различно. Во принцип, за главните улоги одлучувам сам, за помалите оставам на астистентите и кастинг директорите. Но, во секој случај, мислам дека јас во однос на избор на актерите го имам она нешто што се нареквуа – среќа! Едноставно секогаш имам среќа со изборот на актерите.

Дел од филмот и серијата е на ромски јазик па актерите учеа ромски. Што ве инспирираше на такво драматуршко решение?
Јани Бојаџи: Ме инспирираше сето она зло низ кое минуваат ромите во ова земја. За жал, сеуште, и ден денеска, ромите во Македонија се дискриминирани и етикетирани. Без вина виновни. Знаете, не можете да очекувате друг да се заложи за вас и вашите права ако вие не сте подготвени пред тоа да се заложите за правата на другите. Ние Македонците имаме обврска да се грижиме за послабите од нас. А не обратно. И од тука, кога веќе решивме освен роми актери, во приказната како карактери роми да играат и македонци, тогаш си дадовме збор тие да играат на ромски јазик, но тоа да биде направено толку убедливо за никој да не препознае дека не се роми. И да, се поклонувам до земја пред Кети Илиќ и Ирена Илиевска кои вложија многу труд и многу време да го научат за нив во тој момент непознат јазик. И тоа го направија неверојатно, што сум слушнам роми како коментираат за нив двете: оние нашите ромки растурија! Нема поголем комплимент од тоа.

„Утре наутро“ претходно излезе како филм. Што можеби е и прв пат кај нас во поново време додека во Србија е веќа пракса. Зошто се одлучивте на ваков потег?
Јани Бојаџи: Ние во принцип тргнавме да правиме серија, и во еден момент видовме потенцијал за филм. И така, решивме, кога веќе ни се нуди таква можност зошто да не ја искористиме. Инаку, реално, ако ја немавме подршката од телевизијата немаше шанси да го направиме филмот. Инаку, тоа се прави насекаде. Тоа е нормална работа во нормални земји низ цела Европа, не само во Србија. Сте виделе ли вие некој европски филм кој на почетните кредите нема барем 5 телевизии кои го финансирале проектот? Ние само ги правиме оние работи кои ги прават сите што од ова работа живеат, оние кои се посветени на професијата. Во Македонија, филмови и серии се прават со пари од државата која во суштина не се интересира за тоа кој и зошто и ги троши парите. Кај приватните финансиери и спонзори, работите се сосема спротивни. Одговарате за секоја жолта банка и за секоја глупост. Но, тоа што полагаме сметки не научи да бидеме одговорни и исполнителни кон тоа што го правиме. И во тоа е тајната на нашиот успех.
Каков беше приемот на филмот и што очекувате?
Јани Бојаџи: Филмот во Македонија помина фантастично. Во Скопје на репертоар беше четири недели. Не можат многу македонски филмови да се пофалат со такви бројки. А беше прикажан, со огромен успех и во дваесетина градови низ цела Македонија. До сега е прикажан не неколку фестивали, има освоено три награди, допрва го очекуваат други фестивали на сите континенти, така да, филмот ме прави среќен за се што направивме. Многу се радувам за филмот, а за серијата, убеден сум, тоа ќе биде најгледаната македонска играна продукција на телевизија на сите времиња.
Филмот е веќе достапен на платформата Кинемое.мк. Дали така ќе биде и со серијата по примерот на Нетфликс?
Јани Бојаџи: Да, и филмот и серијата ќе бидат достапни на платформата Кинемое. Иднината на филмот и телевизијата се платформите и ние се подготвуваме за таа транзиција сериозно и посветено.