„Ostala si uvijek ista“ од Мишо Ковач доби инструментална верзија од Влатко Стефановски

Откако ги претстави видеата за песните „Nada“ и „Ako me ostaviš“, Влатко Стефановски носи нова инструментална интерпретација на безвременскиот класик, „Ostala si uvijek ista“. Ова е уште една преработка од неговиот албум „Guitar sings“, кој го слави богатото музичко наследство на Ѓорѓе Новковиќ.

Композициите се снимени во придружба на престижниот Кралски филхармониски оркестар, под диригентската палка на наградуваниот диригент Стив Сидвел. Албумот носи десет инструментални верзии на евергринси кои ја одбележаа регионалната музичка сцена, во нов, луксузен оркестарски outfit.

„Guitar sings“ е дел од еден од најамбициозните дискографски проекти на „Хитмејкер“ – Ѓорѓе Новковиќ, а Стефановски ќе го претстави во живо во Сплит како дел од настаните поврзани со доделувањето на наградата „Порин“. Токму оваа година, ќе му биде доделена специјална награда за неговиот исклучителен придонес во хрватската музика – наградата „Порин за специјални заслуги“.

Фактот дека наградата доаѓа токму во моментот кога издава албум посветен на музиката што ги одбележала генерациите носи посебна симболика. Снимен во легендарното студио „Аби Роуд“ со врвен оркестар, „Guitar sings“ ја поврзува неговата меѓународна кариера и трајна поврзаност со музиката од овие простори.

Тој ќе ја покаже својата виртуозност во деновите на „Порин“, на посебна акустична вечер во концертната сала „Иво Тијардовиќ“ во Сплит во четврток, 26 март, со почеток во 20 часот.