Интервју со Јелена и Иван: „Две тишини“ од Анте Поповски посебно ме допре“

Брачниот пар Иван Босиљчиќ и Јелена Томашевиќ деновиве имаше четири последователни концерти во Скопје и Битола. После последниот заеднички концерт во Македонија, Култура24 ексклузивно разговараше со Иван и Јелена за односот со македонската публика но и интересот на младите за театар и поезија.

Иван ни откри како ја бира македонската поезија која ја изведува а со него зборувавме и за сериите но и неговиот професорски ангажман.

Култура24: За првпат заедно настапувате во Македонија. Како се чувствувате по четири концертни вечери по ред?

Јелена: Ова е првпат заедно да настапуваме во Македонија и пресреќни сме за тоа. А верувам и публиката која дојде на сите четири концерти во Скопје и Битола. Би сакала ова да прерасне во традиција.

Иван: Ова не се обични концерти, за нас сите средби со публиката во Македонија се посебни затоа што знаеме дека ова е музикална нација и каде и да одите ќе има луѓе што знаат што е музика и театар. А и луѓе што тоа ќе го гледаат од некој друг агол, не само забавен туку и уметнички агол. Неверојатна беше веста дека првиот концерт закажан за 9 март во Битола се распродал во половина час. Тоа е наш личен рекорд и не можевме да веруваме дека публиката толку е желна за оваа средба. За нас тоа беше многу впечатливо и буквално сакавме да дојде овој момент што побрзо.

Култура24: Дел од Вашите концерти е македонска музика и поезија. Како го бирате репертоарот?

Иван: Музиката и поезијата ги бирам внимавајќи да биде сценски применлива. И да се однесува на мене за преку тие поетски стихови исповедам нешто свое, а истовремено да е драмски употреблива и описна за да има динамика и конфликт во себе. Исто се однесува и на музиката. Јас во овој наш концерт го внесов духот на театарот, поезијата и актерското. И се создаде некој убав баланс. Што се однесува до македонската поезија исто така беше. Многу читав македонска поезија, но „Две тишини“ од Анте Поповски посебно ме допре. За мене не едноставно да зборувам на друг јазик но се испостави дека овој јазик ми е многу близок.

Култура24: Како уметници и родители на тинејџерка, колкав е според Вас интересот на младите за театар, поезија и добра музика?

Иван: Можеме да видиме дека во публиката има се повеќе млади луѓе. Во прв момент тоа нѐ зачуди но сфативме дека нема простор за изненадување, тука треба веднаш да ги собереме тие млади луѓе. Бидејќи меѓу нив има многу млади поети, музичари и рецитатори.

Јелена: Тоа е и мој впечаток. Се случува нешто во овој тинејџерски период на мојата ќерка и децата на нашите пријатели. Почнаа да слушаат постара музика не само од нашите простори туку и од целиот свет. Мислам дека почнуваат да ги негуваат тие вистински вредности кои постоеа а се разбира ги пратат и трендовите и денешната музика. Трендовска музика мора да постои, постоеше и кога ние бевме деца но она што е константа и што опстојува секогаш ќе биде актуелно.

Култура24: Во Србија изминативе години владее хиперпродукција на телевизиски серии. Зошто се помалку го гледаме Иван на малите екрани?

Искрено, бидејќи понудата е голема ми се дава можност да бирам она што ми одговара мене. Така што направив една сериозна селекција. Од друга страна решив да бидам повеќе со семејството бидејќи со години многу работев, многу патував, работев и во Русија и некако почуствував дека ова е период за моите дами, Јелена и нашата Нина. Ништо нема да се пропушти. Улогите доаѓаат кога треба. Има и сега добри проекти и актери. Но јас верувам дека мене во вистински момент ме чекаат вистинските работи.

Култура24: Своевремено работевме на Академијата за уметности. Што се случи со Вашето наставно-научно звање и дали се гледате себе некогаш како шеф на класа?

Иван: Јас четири години работев со извонредни млади актери. Но сфатив дека е потребна целосна посветеност ако сте чесни спрема себе и спрема студентите. Јас многу патував и една година живеевме во Санкт Петерсбург, па сфатив дека не можам да ги оставам своите студенти на други помошни професори или сами да работат. Кога ја завршив генерацијата преминав да работам друго бидејќи не беше вистинско време за тоа. Сметам дека тоа е идеална професија за мене, јас сум по карактер роден педагог но сега не е вистинско време.

Култура24: Во 2024 година го објавивте последниот албум „Искрена“ а Иван истата година ги имаше последните големи проекти „Јорговани“ и „Руска жена“. Што да очекуваме од Вас следно?

Јелена: Секако овие концерти се нешто сосема ново и нешто што не сме го работеле досега. Тое е премиерно и изненадување за нашите обожаватели. Тоа спојување само придонесе и на мојата и на неговата кариера.

Иван: Јас ќе играм во две исклучително интересни серии кои ќе бидат освежување за гледачите. Нема да се драми и љубовни приказни, туку жестоки комедии слични на „Јорговани“ кои ќе ја обележат оваа сезона. Собрав и еден албум на источна музика додека патував по тие земји. Правев преводи и сега сум во студио. Едвај чекам таа музика да дојде до нашата публика.

Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски