29. Златна Бубамара на популарноста со бројни ѕвезди од регионот и светот

Синоќа во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје се одржа 29. издание на Златна Бубамара на популарноста, настан кој и оваа година ги собра и награди најдобрите музичари, актери, спортисти и уметници од сите области.

Програмата ја отвори Владимир Четкар со две свои нумери, тој беше и првиот награден со Златна Бубамара на популарноста за Најдобар џез музичар. По него Награда за најперспективна млада пејачка доби Тина Русева а специјална награда Златна Бубамара доби Дамир Имери. Атмосферата музички дополнително ја загреаа добитникот на Награда за животно дело, фолк легендата Круме Спасовски и неговата позната „Чудна жена беше Вера“.

Награда за трајни вредности доби актерката Снежана Конеска – Руси. А во областа на театарот се доделија и награда за најдобар млад актер и најдобра млада актерка и тоа на Нина Елзесер и Тони Денковски. За претстава на годината беше прогласена „Пар распар“ на Театар Комедија.

На сцената награди примија и настапија и бројни музички ѕвезди од регионот но и светски познати имиња.

Поп дивата Калиопи доби награда за пејачка на годината, а Слаткар доби награда за хит на годината за „Води ме“. Фолк пејачот Влатко Миладиноски доби награда за фолк концерт на годината Од балканските ѕвезди, Александра Радовиќ доби награда за најпопуларна поп пејачка а Жера од „Црвена јабука“ за трајни музички вредности. Очекувано, награда за откритие на годината доби младиот хрватски пејач Јаков Јозиновиќ.

„Голема чест ми е што ја добив оваа награда. Некој да ми речеше дека било кој знае за мене во Македонија, немаше да му верувам, а особено не дека ќе ја добијам оваа награда. И тоа награда која трае повеќе од годините што ги имам.“ – рече Јаков.

Владо Јаневски наградата ја прими од неговата хрватска колешка Весна Писаровиќ, која го и изведе својот хит „Да знаш“ а Јаневски пред крајот на вечерта се врати на сцената со новата песна „Принчипеса“.

Британските легенди „Delegation“ и соул дивата Марта Хај исто така добија награди за животно дело и трајни музички вредности.

„Прв пат сум во вашата земја и се надевам дека ќе дојдам пак“ – рече Рик Бејли од Delegation.

„Многу сум горда што ќе можам да ја однесам оваа награда назад дома во Америка. За да им покажам дека соул музиката е во срцата на луѓето низ целиот свет а особено во Македонија.“ – рече Хај.

Награда за животно дело од областа на ликовната уметност доби академик Васко Ташковски а награда за спортска легенда доби кошаркарот Владо Илиевски.

Бубамара не ги заборави значајните македонски уметници и спортисти кои ги загубивме помеѓу двете изданија на Златна Бубамара. Така Игор Џамбазов од сцената се присети на: Тоше Поп Симонов, Драган Б. Костиќ, Васил Рингов, Соња Каранџуловска, Ленче Делова, Лазе Манасковски, Милка Ефтимова, Сенка Велетанлиќ, Симеон Чулев и Илија Темелковски. А со песната „Абре македонче“ се одбележаа 50 години од смртта на великанот на македонската народна песна Никола Бадев.

Посебно емотивно беше сеќавањето на трагедијата во Кочани насловено „Крвава бајка“, кое Игор Џамбазов го започна со стиховите од истоимената песна на Десанка Максимовиќ“.

„Било је то у некој земљи сељака на брдовитом Балкану, умрла је мученичком смрћу чета ђака у једном дану. Исте су године сви били рођени, исто су им текли школски дани, на исте свечаности
заједно су вођени, од истих болести сви пелцовани и сви умрли у истом дану.“

Златна Бубамара во пресрет на големиот јубилеј следната година, оваа година дефинитивно го имаше своето најинтернационално издание, со бројни гости од земјата, регионот и светот.

Фото: Facebook – Zlatna Bubamara Na Popularnosta